Светските цени на храната пораснаа во февруари во споредба со јануарските вредности, особено цените на шеќерот, кои скокнаа за 6,6 отсто, објави Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО).
Вредноста на светскиот индекс на цените на храната (FFPI) за февруари изнесува 127,1 поен, што претставува зголемување од 1,6 отсто во однос на јануари, соопшти ФАО. Резултатот е последица на месечниот раст на вредностите на индексите во категориите шеќер, млечни производи, растителни масла и житарки, со благо намалување на цените на месото.
Индексот на цените на шеќерот се зголеми за 6,6 отсто на 118,5 поени на месецот, бидејќи пазарите се загрижени за намалените глобални залихи во сезоната 2024/25, како и за послабите производствени изгледи во Индија и земјоделските култури во Бразил.
Цените на шеќерот и натаму се за 15,8 отсто пониски во однос на истиот месец лани.
Просечната вредност на индексот на цените на млечните производи се зголеми месечно за четири отсто во февруари на 148,7 поени, додека на годишно ниво растот е 23,2 отсто.
Месечни поскапувања се забележани кај сите категории млечни производи.
Вредноста на индексот на цените на растителното масло во февруари се зголеми за два отсто на 156 поени, што е за 29,1 отсто повисока во однос на истиот месец лани.
Зголемувањето на индексот е поттикнато од повисоките котации за палминото, соиното и сончогледовото масло, како и маслото од репка.
Цените на житото благо пораснаа за 0,7 отсто на месечна основа, на 112,6 поени, поттикнати од растот на цените на пченицата и пченката, додека тие беа намалени за 1,2 отсто на годишно ниво.
Индексот на цените на месото забележа благ пад од 0,1 отсто на месечно ниво, на 118 поени, што е за 4,8 отсто повисоко во однос на истиот месец лани.
Вкупната вредност на светскиот индекс на цените на храната (FFPI) за февруари се зголеми за 8,2 отсто на годишно ниво, но во исто време е за 20,7 отсто пониска од врвот во март 2022 година, се додава во извештајот на веб-страницата на ФАО, пренесува „б92“.