Друштвото во кое работат над 2 илјади лица во последниве 7 години постојано работи со загуба, често пати имаше протести на вработените иницирани од синдикатот за нередовна исплата на плати, но ваквата состојба не го спречила менаџерскиот тим, лани, во септември да си ги зголеми платите. Така, директорите на сектори во Пошта добиле повисока плата за 42%, а заменикот и генералниот директор за 58%, што според ревизорите не е во согласност со Законот за трговски друштва. Работењето со загуба во ова друштво почнало од 2017 година и за 7 години досега се акумулирани дури 17 милиони евра
Наодите на Државниот завод за ревизија само ја потврдија катастрофалната состојба во која се наоѓа акционерското друштво „Македонска пошта“ кое е во државна сопственост. Друштвото во кое работат над 2 илјади лица во последниве 7 години постојано работи со загуба, често пати имаше протести на вработените иницирани од синдикатот за нередовна исплата на плати, но ваквата состојба не го спречила менаџерскиот тим, лани, во септември да си ги зголеми платите.
Така, директорите на сектори во Пошта добиле повисока плата за 42%, а заменикот и генералниот директор за 58%, што според ревизорите не е во согласност со Законот за трговски друштва кој предвидува „во случај на намалена добивка или значително влошена финансиска состојба на друштвото, надоместокот на плата и другите бенефиции, предвидени во менаџерскиот договор може да се намалат“. Според ревизорскиот извештај, АД „Македонска пошта“ ја завршила 2023 година со минус од 2,2 милиони евра на салдото.
Работењето со загуба во ова друштво почнало од 2017 година и за 7 години досега се акумулирани дури 17 милиони евра. Најлоша година во работењето на Поштата е 2022 година кога е остварен негативен биланс од 3,7 милиони евра. Ова, според ревизорите резултирало овој наш јавен оператор во внатрешниот и во меѓународниот поштенски сообраќај да работи неефикасно и неквалитетно во давањето на универзалната услуга и да има ненавремена достава на пратки.
– Во 2023 година, 59,7% отсто од пратките биле доставени во првиот ден, додека 30,5% биле доставени во период подолг од три дена. Овие резултати укажуваат на отстапување од целите поставени од Светскиот поштенски сојуз, кој пропишува минимален стандард од 75% и максималниот стандард од 88% за успешно и навремено доставени пратки – се нотира во ревизорскиот извештај.
Тоа се одразило со негативно мислење што Агенцијата за пошти го добила од корисниците на поштенските услуги за 2023 година. Дури 79% од граѓаните и 80% од фирмите изразиле незадоволство од добиените поштенски услуги на „Македонска пошта“ изјаснувајќи се дека брзината на доставата на пратките е главна причина поради која се определиле за друг поштенски оператор.
Со ревизијата утврдени се чести измени на актот на систематизација, особено во однос на бројот на извршители, работното искуство, степенот на образование и видот на стручна подготовка. Утврдени се и неправилности во пополнување на работните места и евиденцијата на работното време, како и во пресметката на додатоци, надоместоци и награди за дел од вработените.
– Друштвото има склучено договори со 276 пошторазнесувачи, но дел од нив, наместо за договорените услуги, ангажирани се за извршување на други административни задачи – се вели во извештајот со што се потврдува констатацијата на граѓаните дека нема доволно поштари.
„Македонска пошта“ исто така, се соочува со голема задолженост по основ на заеми, кредити и пресметани камати, кои не се сервисираат навремено, што, според ревизорите, дополнително ја влошува финансиска состојба и ја нарушува ликвидноста.
– Вкупните обврски за краткорочни кредити и заеми на крајот на 2023 година изнесуваат 3,6 милиони евра, а се однесуваат на земен краткорочен заем од АД МЕПСО на електрична енергија во износ од 1,6 милиони евра и два краткорочни кредити од деловни банки во вкупен износ од 2 милиони евра. За доспеаните, а неисплатени кредити во 2024 година, пресметана е договорна казнена камата од 24,45% или 109.000 евра. Сите земени кредити се со висока каматна стапка од 4,8% до 6,25% – откриле ревизорите.
Според Законот за поштенските услуги треба да се исплатува годишен надоместок на Агенцијата за пошти, кој Поштата, требало да плати 380.000 за 2023 година евра, но поради финансиски тешкотии, друштвото ненавремено ги подмирило овие обврски, што резултирало со камата од над 32.000 евра.
Во 2021 година е спроведена студија за длабинско снимање на работењето на АД Пошта и изготвување физибилити студија, за што биле исплатени 795.000 евра. Иако АД Пошта располага со направената студија, ревизорите утврдиле дека не се применува.
Со извршената ревизија се констатирани и низа други состојби, неправилности и неусогласености од различна природа, кои влијаат врз изразување на неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2023 година и за усогласеноста со законската регулатива. За надминување на констатираните состојби, дадени се препораки со цел преземање мерки и активности од надлежните лица и органи во функција на подобрување на состојбите.
Долготрајното незадоволство со состојбите во „Македонска пошта“ изминава пролет резултираше со протести и штрајк. Синдикатот на Пошта порача дека ќе изготви систематизација, ќе ја достави на идната влада и ќе инсистира на нејзина итна примена, како стартно решение за состојбата во Пошта. Компанијата, според синдикалниот лидер Боро Велигденов, е на работ на егзистенција. Доведени се во прашање над 2.000 работни места. Рече дека ќе се бара да се потпише и новиот колективен договор, подобрување на условите за работа и обезбедување средства, бидејќи се соочуваат со тешкотии во работењето.
Во таа насока, Владата со ребалансот на буџетот за оваа година обезбеди средства за редовна исплата на платите за сите вработени во Пошта. Министерот за транспорт, Александар Николоски истакна дека е недозволива задолженоста на „Македонска пошта“ и повика МВР и Обвинителство да истражат зошто е тоа така.
(С.Бл.)