Португалските власти заплениле речиси 3,5 тони кокаин сокриен во пратка со банани од Латинска Америка, соопшти денеска полицијата.
Дрогата е запленета за време на полициска акција во пристаништето Сетубал, на околу 40 километри јужно од Лисабон, соопшти полицијата.
Кокаинот бил скриен во кутии со банани складирани на неколку палети кои биле транспортирани во товарен брод кој редовно го превезувал овошјето меѓу Латинска Америка и европскиот континент.
„Со оглед на големиот број превезени палети со банани на бродот, откривањето на дрога беше можно само благодарение на долгорочната и прецизна работа на полициските истражители“, се вели во соопштението на правосудната полиција.
Според информациите собрани од португалската полиција, дрогата била наменета за неколку европски земји.
Акцијата е спроведена во соработка со британската Национална агенција за криминал.
Засега никој не е уапсен, но истрагата продолжува, додаде португалската полиција.