Тоа што бројот на заболени од грип во овој период ќе расте, не зависи само од училиштата, таква е динамиката на болеста, изјави денеска портпаролот на Комисијата за заразни болести Злате Мехмедовиќ.
Тој ваквата проценка ја даде во периодот кога во Македонија се случува зголемување на бројот на заболени од грип и кога се јавуваат предупредувањата дека ширењето може да биде уште поголемо поради почетокот на второто полугодие. По тринеделен зимски распуст, вчера за основците и за средношколците почна второто полугодие од учебната 2024/2025 година.
Надлежните очекуваат раст на заболени од грип, а пикот се очекува кон средината на февруари. Според последниот извештај на Институтот за јавно здравје, од 6 до 12 јануари, биле пријавени 1.053 случаи на групни пријави за заболени од грип и слични заболувања, или 3,2 пати повеќе во споредба со претходната недела.
– Секоја година се зголемува бројот на заболени од грип до средината на февруари, кога се очекува пикот. Со години тоа е така. Пикот е во втората половина на февруари. Ќе растат бројките уште, но, споредено со минатите години, нема никаква разлика во однос на тоа како е сега. Дури ако споредиме со лани, оваа година состојбата со заболени лица од грип е нешто подобра. Тоа што бројот на заболени ќе расте, не зависи само од училиштата, таква е динамиката на раст на бројот на заболени од грип – појасни Мехмедовиќ.
Препорачува, децата кои веќе имаат развиено симптоми налик на грип, да бидат изолирани и да не одат во училиште.
Заклучно со втора недела од 2025 година, во државава вакцинирани се вкупно 72.318 лица со бесплатна или комерцијална вакцина против грип.