Поранешниот македонски фудбалски репрезентативец, Милан Стојаноски, им понуди помош на семејствата чии деца беа хоспитализирани во Белград по стравотниот пожар во Кочани.

Стојаноски, кој живее во Белград, им понуди поддршка и сместување на семејствата на повредените. Имено, тој стапил во контакт со својот поранешен соиграч од репрезентацијата Панче Ќумбев и му рекол дека е достапен за сè.

  • Нашиот поранешен репрезентативец Милан Стојаноски штотуку стапи во контакт со мене. Тој живее во Белград и ја понуди сета можна помош на семејствата на сите повредени кои се префрлени на лекување во Белград. Големиот Милан е на ваша страна. Обезбедува сместување и секаква помош. Благодарам брат, напиша Ќумбев на социјалните мрежи.

Инаку, Стојаноски, кој има и 26 настапи за нашата селекција, има богата интернационална кариера, а најдобрите партии ги имаше во дресот на српски Партизан. Тој во белградскиот тим беше во два наврати, од 1997 до 2000 година и од 2001 до 2004 година и со клубот освои три шампионски титули на Србија.

На помош се понуди и поранешниот репрезентативец Стефан Ристовски, кој моментно ги брани боите на Динамо Загреб. Десниот бек на социјалните мрежи напиша дека им стои на располагање на сите семејства на повредените кои ќе отпатуваат за Загреб.

  • За сите семејства што се дојдени во Загреб заради лекување на своите најблиски од трагедијата во Кочани, стојам на располагање за каква било помош. Ако на каков било начин можам да помогнам, слободно во кое било време, пишете ми во порака, гласи пораката на поранешниот капитен на националната селекција.

ИЗДВОЕНИ