Ракометната репрезентација на Хрватска ќе игра во финалето на Светското првенство, откако во спектакуларен полуфинален натпревар ја елиминираше Франција со 31:28 во загрепската „Арена“, за што клучен момент, според голманот Доминик Кузмановиќ, бил говорот на искусниот Игор Карачиќ во автобусот пред натпреварот.
Долгогодишниот ракометар на Вардар емотивно им порачал на соиграчите: „Луѓе , па ова денеска не смееме да го загубиме“. Иако првично не беше дел од репрезентацијата, Карачиќ беше повикан во тимот по повредата на Домагој Дувњак во второто коло. Карачиќ ѝ е добро познат на македонската публика, откако беше дел од историските освојувања на Лигата на шампионите во 2017 и 2019 година од страна на црвено-црните од Скопје.
„Го сонувавме финалето и сега го остваривме нашиот сон. Луѓето во Карловац ни дадоа огромна поддршка, а ние знаевме дека не смееме да ги разочараме“, изјави феноменалниот голман.
Голема заслуга за победата на „коцкестите“ имаше и левиот бек Звонимир Срна, кој натпреварот го заврши со седум гола. Но, Срна, своевремено беше цел на остри критики од хрватската јавност, која сметаше дека е најслабата алка во селекцијата, но натпреварите против Унгарија и Франција ги замолкна критичарите и стана херој на нацијата. Од овој Мундијал, меѓу другото, Хрватите вечно ќе го паметат и неговата асистенција за победничкиот гол на Марин Шипиќ во четвртфиналето против Унгарија.
Ракометарот на Загреб не само што импресионира со својата игра, туку и со својот карактер. Тој покажа голема посветеност кон соиграчите, без разлика дали на теренот или во соблекувалната. Срна неодамна застана во одбрана на голманот Матеј Мандиќ при судир меѓу соиграчите во соблекувалната, а за паметење е и неговата реакција против Словенија кога го заштити Иван Павловиќ. За хрватската репрезентација дебитираше на Европското првенство во 2022 година, а беше дел од националниот тим и на СП 2023 и на минатогодишното Европско првенство во Германија.
Хрватска во неделното финале, ќе игра со победникот од второто полуфинале меѓу Данска и Португалија, кое се одигра синоќа во Осло.