
Поранешниот гувернер на државата Њујорк, Ендрју Куомо, објави дека ќе се кандидира за градоначалник на Њујорк, со што ќе ја обнови својата политичка кариера по долгогодишно отсуство и низа обвинувања за сексуално вознемирување. Се очекува да води силна кампања, и покрај тоа што влезе во трката многу оштетен од скандалот, кој го принуди да поднесе оставка како гувернер во 2021 година
Се очекува Ендрју Куомо да води силна кампања, и покрај тоа што влезе во трката многу оштетен од скандалот, кој го принуди да поднесе оставка како гувернер на Њујорк во 2021 година. Тој ќе се соочи со мноштво помалку познати кандидати на прелиминарните избори на Демократската партија, како и со актуелниот градоначалник на Њјујорк, Ерик Адамс, кој се соочува со федерални обвиненија за корупција и е на удар од критичарите, кои ја доведуваат неговата независност во прашање.
Во 17-минутното предизборно видео, демократот Ендрју Куомо се претстави како умерен политичар што може да го спаси градот и како некој што може да одржува деликатна рамнотежа меѓу работата со републиканскиот претседател, Доналд Трамп, и борбата против него кога е потребно.
– Не велам дека ќе биде лесно, нема да биде лесно, но знам дека можам да помогнам за овој град – рече Кумо.
Куомо влегува во градоначалничката трка со вештините за собирање средства, резултатите од своите три мандати како гувернер и со потенцијалната поддршка од умерените гласачи, кои помогнаа да дојде Адамс на чело на Њујорк.
Сепак, не е јасно дали се подготвени гласачите да му дадат уште една шанса на Куомо, по забележливиот пад пред три и пол години, кога од пофален лидер во текот на пандемијата ковид-19 стана осуден за своето однесување кон жените.
Адамс бара втор мандат и покрај тоа што се соочи со повици од истакнати демократи да поднесе оставка, откако беше обвинет минатата година, по обвиненија за корупција, а потоа му се додворуваше на претседателот Трамп додека бараше да се отфрлат обвиненијата против него. Адамс (64) тврди дека не е виновен.
Куомо со години размислува за враќање во политиката, додека неговите адвокати и политички советници се обидуваат да ги дискредитираат оние што го обвинуваат.
Најмалку 11 жени веродостојно го обвинија за сексуално вознемирување, кое вклучуваше наводи за несакано бакнување и допирање, како и коментари за нивниот изглед и сексуален живот, според извештајот објавен од јавниот обвинител на Њујорк.
Една соработничка поднесе кривична пријава против Куомо, обвинувајќи го дека ја грабнал за градата кога биле сами во палатата на гувернерот, кон крајот на 2020 година. Куомо ги отфрлил наводите за сексуален напад, а обвинителот на крајот го отфрлил случајот поради недоволни докази за да добие пресуда.