Поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска не е виновна во случајот Тврдина, за уништување на опремата со која масовно се прислушуваа илјадници граѓани, пресуди денеска Основниот кривичен суд Скопје. На поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков му застаре делото, а поранешните разузнавачи Горан Грујевски и Никола Бошкоски кои побегнаа од Македонија во Грција се осудени на 14 односно на девет години и десет месеци затвор. На затворска казна од три години е осуден и поранешниот шеф на кабинетот на Мијалков, Тони Јакимовски, Валентина Симоновска доби условна казна затвор.
Придружувана од нејзиниот сопруг, Влатко Илиевски и адвокатот Љупчо Шврговски, поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска дојде во Кривичниот суд да ја слушне пресудата за случајот Тврдина- за уништување на опремата преку која се правело масовното прислушување на стотици граѓани во поранешната Управа за безбедност и контраразузнавање која пак тогаш беше во рамките на МВР. –Обвинетата Гордана Јанкулоска се ослободува од вина бидејќи Јавното обвинителство не го докажа сомневањето дека го сторила кривичното дело, соопшти судијата во Основниот суд Скопје, Илија Трпков, по што Јанкулоска го прегрна својот сопруг и бранителот како реакција на задоволство од слушнатото. Нејзиниот сопруг Влатко Илиевски,кој и е адвокат во постаките што се водат против неа, во изјава за медиумите пред Кривичниот суд во Скопје, посочи дека кај Гордана Јанкуловска воопшто не постоело ниту умисла, ниту намера да се уништи конкретната опрема, а уште помалку да се причини каква било штета на државата и на Министерството. Најави дека ќе бараат оштета преку граѓанска постапка.
-Задоволни сме од пресудата, чекаме Апелација да ја потврди истата и понатаму се надеваме дека ако не во кривична постапка, тогаш во граѓанска постапка ќе се утврди кој го вршел прислушкувањето и да се надомести нематеријалната штета која што Гордана Јанкулоска ја има претрпено како една од најголемите жртви на прислушкувањето, изјави Илиевски и посочи дека Јанкулоска, немала добиено документација дека се уништува опремата за прислушкување, бидејќи кога е пратен извештајот дека опремата е уништена фактички веќе и не била министер. Таа, според Илиевски, формирала комисија која што имала општ назив.
Според пресудата, најголема вина има кај поранешниот началник во Управата за безбедност и разузнавање, Горан Грујевски, прогласен е за виновен во отсуство за злосторничко здружување, злоупотреба на службената положба и овластување и фалсификување службена исправа, кривични дела за кои доби единечна затворска казна од 14 години. Поранешниот разузнавач Никола Бошковски кој избега заедно со Грујевски, ги сторил кривичните дела злоупотреба на службената положба и овластување и фалсификување службена исправа па заради ова му беше досудена казна од девет години и 10 месеци затвор. На Тони Јакимовски судот му одреди затворска казна од три години, за злоупотреба на службената положба и овластување и фалсификување на службена исправа. Валентина Симоновска е казнета на две години казна затвор, но казната нема да се спроведе доколку во рок од пет години не направи другу кривично дело. Нивниот поранешен шеф, Сашо Мијалков беше обвинет за масовното нелегално прислушување, но поради застарување на делото, по измените во Кривичниот закон, постапката против него беше запрена. Судијата Илија Трпков пред да ги соопшти пресудите за обвинетите констатира дека на поранешниот директор на УБК му застарело делото. – Не смееше да се дозволи застарување на делот прислушување во овој предмет. Но, со упадот во судството со измените на Кривичниот законик и тоа се случи. Овој предмет уште има шанса барем делумно да ја задоволи правдата во делот за ништењето на опремата – изјави судијата Трпков.
„Повредени беа човековите права на огромен број граѓани, бизнисмени и политичари. Се упадна во приватноста. Со прислушувањето се контролираа процеси и се контролираа бутновните граѓани.Со прислушуваните разговори целата држава се држеше под заложништво. Јас добив впечаток дека обвинетите многу знаат за тоа што се случувало со прислушувањето, како да не сакаат да посочат некого, како да сакаат да скријат некого. Обвинетата Силвана која во текот на постапката почина, си однесе сѐ со нејзе. Кај дел од обвинетите има страв, но и гнев – тоа е личен впечаток“, рече судијата Трпков.
-Не ми е јасно како по толку години демократија политичарите не разбраа дека секој упад во судството не носи ништо добро ниту за нив ниту за граѓаните – се запраша Трпков.
Според судијата, иако немало потреба од ништење на системот за следење на комуникациите од 2014 година, сепак тоа било направено со формирање на Комисија за попис, расходување и ништење. Членовите на комисијата во текот на судскиот процес беа сведоци, дел од нив не знаеле дека системот завршил во дробилица на отпад во населбата Маџари. Горан Грујевски бил главен на операцијата заедно со тогашниот началник на УБК, Тони Јакимовски со умисла и помош од екс министерката Гордана Јанкуловска, заедно со обвинетиот Никола Бошковски го уништиле системот за следење на комуникациите со што му нанеле штета на буџетот од милион и четиристотини илјади евра. Судот ги задолжи осудените да ја вратат направената штета по правосилност на пресудата, ако дојде до тоа со оглед на тоа дека предметот за неколку месеци застарува.
Апелација еднаш веќе ја укина пресудата „Таргет-Тврдина“ кога предметот девет месеци беше ,,заклучен,, во фиоката на апелациониот судија Енвер Беџети кој токму за тоа се најде на црната листа на САД, а претходно Судскиот совет за истото го казни само парично. Според неофицијалните информации во јавноста, судијата наплаќал дневница за чување на предметот, а по наводите Основното Јавно обвинителство отвори предмет по допрен глас. –Веќе се преземаат дејствија за кои не може да се изнесуваат детали поради тајноста на постапката Обвинителството ќе ги провери сите аспекти и за можноста за трговија со влијание, но и за поткуп, по што ќе биде донесена соодветна одлука, велат за ВЕЧЕР од ОЈО Скопје. (П.А)