Поради тоа нашето „Ајде бе, добро е“, доживеавме голема трагедија – пејачот Јордан Митев многу емотивно за несреќата во Кочани

1226

Бев на настап во Германија и по не знам кој пат се воодушевив од големиот професионализам што владее таму. Германец вработен од општината со метро во раката ги проверуваше сите маси, дали се точно поставени според дозволените димензии. Не поминува кај Германецот ништо на „шашма“

Нашиот добро познат и слушан фолк-пејач и композитор, Јордан Митев, не само што изразува огромна тага за загинатите во ужасната несреќа во дискотеката на смртта во Кочани туку и покажува голем бес и разочараност од она нашето „Добро е, ќе помине“.

– Тој наш аматеризам, непрофесионалноста, лажните вредности, вреднувањето и воздигнувањето на невредните, замижувањето пред неправдата… сето тоа нè уништи.

Последен пат кога бев на настап во Германија, по не знам кој пат се воодушевив од нивниот голем, голем професионализам. Одговорниот за салата во која настапував, Германец вработен од општината, со метро во раката ги проверуваше сите маси, дали се точно распоредени и поставени според дозволените димензии. Не поминува кај Германецот ништо на „шашма“, за разлика откај нас, со нашето „Ајде бе, добро е“.   Кај нас ќе помине, можеби, 20 пати, но 21. пат, кога ќе се случи нешто, тогаш ќе го земе данокот и за другите 20 пати.

Кочани доживеа голема трагедија, голема загуба. Цела Македонија плаче. Најголема загуба е за самите семејства. Сочувство до фамилиите – порачува пејачот.

Митев со потресна објава се прости и од Сара, својата многу блиска пријателка и соработничка.

– Ти благодарам за сите отпеани прекрасни придружни вокали во моите песни. Секогаш позитивно одговараше на моите професионални барања во кое било време. Сара, голема, ведра душа и вонсериски уметник!

 

ИЗДВОЕНИ