Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) донесе решение за забрана на увоз и транзит на живи животни, производи и нуспроизводи од животинско потекло заради заштита од внесување на вирусот на лигавка и шап во Македонија по потекло од Германија. Оваа забрана следува по прогласување на епидемија на болеста шап и лигавка во Германија и меѓународна забраната за извоз на добиток, месо, месни и млечни производи. Дел од земјите во светот веќе го запреа увозот на месни и млечни производи од Германија.
-Како одговорна институција за безбедноста на храната и здравствената заштита и благосостојбата на животните, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) на дневна основа ја следи состојбата со болестите кај животните на светско ниво, вклучително и со болеста шап и лигавка. АХВ будно ја следи состојбата со болеста и во Германија. Се преземаат соодветни заштитни мерки кои вклучуваат и забрана за увоз на живи животни од земјите каде што е потврдена болеста, како и на ограничување на трговијата со месо и млеко и нивни преработки, информираат за весникот ВЕЧЕР од АХВ.
Последен случај на оваа особено опасна болест во Македонија евидентиран е во 1996 година. Во рамки на активностите за подготвеност за справување со болести кај животните, особено со опасните кои нанесуваат големи економски загуби и од кои заболуваат повеќе видови животни, АХВ уште во 2018 година го донесе Планот за итни мерки и оперативниот прирачник за справување со болеста лигавка и шап, а во 2019 и 2023 година, одржани се и симулациски вежби со цел да се тестира подготвеноста на државата и институциите за справување со болеста при евентуално нејзино појавување.
Болеста задолжително се пријавува преку Информативниот систем за здравствена заштита на животните на Светската организација за здравствена заштита на животните – (WAHIS Portal) и Информативниот систем за пријавување на болести кај животните на Европската комисија – (ADIS).
Според информациите од одгледувачите на животни, се работи за зоонозна болест која се пренесува од животно на животно и нема опасност врз здравјето на луѓето. Предизвикува големи економски штети во државите каде што ќе се појави поради масовни убивања на животните и забрана за увоз на месо, месни и млечни производи.
Од месарниците кои ги контактиравме велат дека немаат увоз на месо од Германија, најголем дел од месото и месните производи се увезуваат од Австрија, Унгарија, Чешка и Полска. И најголем дел од високопродуктивните говеда кои се увезуваат во Македонија за да се зголеми сточниот фонд и производството на млеко и месо се од овие земји.
Германија го загуби статусот на слободна поради болеста шап и лигавка според правилата на Светската организација за здравје на животните, што значи дека многу производи не можат да ги добијат потребните ветеринарни сертификати за извоз надвор од државата. Шап и лигавка е лесно пренослива и понекогаш смртоносна кај добитокот вклучувајќи говеда, свињи, овци и кози. Иако не се смета за закана за луѓето, минатите избувнувања поттикнаа масовни убивања на животни и големи економски штети за државите.
Јужна Кореја веќе го запре увозот на дел од германскиот добиток и испораките на германско свинско месо и стави во карантин 360 тони испорачано месо од 27 декември. И Велика Британија воведе забрана за увоз на германско месо и млечни производи. Холандија воведе ограничувања за транспорт на телиња во нејзините граници.
Инаку шап и лигавка се проценува дека циркулира во 77 отсто од глобалната популација на добиток и претставува „постојана закана“ за нациите кои се ослободени од неа, но кои немаат цврсти режими за вакцинација.
Германија нема доживеано појава на шап и лигавка од 1988 година. Последната европска епидемија беше во Бугарија во 2011 година. Тоа доведе до убивање на 1.372 диви и домашни животни и беа потребни шест месеци за да се реши. Една од најразорните европски епидемии се случи во Обединетото Кралство во 2001 година, предизвикувајќи убивање на 6,5 милиони заразени и животни без контакт.
(А.С.)