Одрон сериозно го оштети главниот пат кој минува низ Галичник, а доколку состојбата не се санира, пролетните дождови можат да предизвикаат свлечиште кое може да ги загрози објектите и здравјето на луѓето кои се под патот.
– Како последица на теренот, суровите зими и дотраеноста, главниот пат кој минува низ Галичник и како главна артерија го поврзува целото населено место е прекинат поради сериозно оштетување. На средина од патот има сериозно оштетување, одрон и почеток на свлечиште. Доколку ова оштетување не се санира веднаш, со пролетните дождови тоа ќе прогресира и со сигурност ќе предизвика свлечиште кое ќе предизвика штета по имотот кој се наоѓа под патот, ќе ја компромитира стабилноста на градбите над патот, и во најлош случај може да предизвика ризик за животот и здравјето на граѓаните и живиот свет – реагира Огнен Караѓозовски, претседател на Месна заедница Галичник.
Во неделата на терен излегла екипа на Министерството за внатрешни работи, која забранила движење по патот поради небезбедност.
– Тоа значи дека половина од населеното место, како и познатиот хотел „Неда“ се отсечени и пристапот со возило не е возможен. Ве молам имајте предвид дека во моментот во хотел „Неда“ престојуваат сопствениците кои се постојани жители на Галичник, како и гости меѓу кои бебиња, мали деца и лица во поодмината возраст. Во моментов единствен начин за пристап до хотелот и куќите во тој дел на Галичник е можен пеш, по терен со исклучително остар наклон. За дотур на храна и каква било друга испорака, пристапот не е возможен – вели Караѓозовски.
За состојбата е информиран и Центарот за управување со кризи.
Ова се случува на прагот на туристичката сезона, кога Галичник е секојдневно е посетен од огромен број туристи. Во полн ек се активностите за организација на безвременската „Галичка свадба“, нешто кое само по себе бара постојано движење низ Галичник и подготовка на локациите на кои се одржуваат деловите од манифестацијата.
Покрај бројната публика, Галичката свадба е манифестација која редовно е посетувана од голем број видни претставници на културниот и општествено политичкиот живот, како и претставници на дипломатскиот кор, кои со особено внимание ја следат неделивата хармонија создадена од манифестацијата и неповторливиот галички амбиент.
– Нам ни се познати надлежностите за санација на патишта кои припаѓаат на категоријата на патот на кој се однесува дописов, и познати ни се постапките за набавка на овие услуги. Во моментов апсолутно нема услови да се чека редовниот пат на набавка за оваа санација. Потребна е итна акција, во интерес на заштита на животот и здравјето на граѓаните (жители и посетители), како и приватниот и јавниот имот во Галичник и спречување на огромна катастрофа – нагласува Караѓозовски.