Една жена од Австралија родила дете на друг маж, откако лекарите по грешка и вградиле погрешен ембрион, изјави сопственикот на клиниката за ин витро оплодување, наведувајќи го „човечкиот фактор“ како причина за грешката.
Клиниката Монаш за ИВФ, која врши речиси една четвртина од сите процедури за ин витро оплодување во Австралија, во февруари соопшти дека открила дека на жена во Бризбејн и бил вграден погрешен ембрион и последователно се породила.
Грешката била откриена кога новите родители побарале преостанатите ембриони да бидат префрлени во друга клиника. Идентитетот на родителите не е соопштен, а од клиниката само констатирале дека ситуацијата е „многу тешка и вознемирувачка“.
Не беше прецизирано кога се случило породувањето, но беше потврдено дека жената била известена веднаш штом била откриена грешката.
Овој инцидент го обнови вниманието на процедурите за ин витро оплодување во Австралија, област која до сега беше главно саморегулирана. Овие процедури ги надгледува тело составено од претставници од клиниките и владините агенции.
„Ваквите инциденти се исклучително ретки“, велат од Здружението за плодност.