EPA-EFE/SASCHA STEINBACH

Најдобриот словенечки кошаркар и член на Далас, Лука Дончиќ, сериозно ја загрижи нацијата пред почетокот на квалификациите за Олимписките игри во Париз.

Репрезентацијата на Словенија од 2 до 7 јули ќе се обиде да добие виза за Париз во пеколна конкуренција. На турнирот во Атина, покрај Словенија, учествуваат и Грција, Хрватска, Нов Зеланд, Доминиканска Република и Египет, а само победникот на турнирот ќе обезбеди пласман на Олимписките игри.

Кошаркарската јавност во Словенија во моментов е загрижена за состојбата на првата ѕвезда на репрезентацијата – Лука Дончиќ. Тој има сериозни проблеми со коленото и ќе мора да направи дополнителни анализи кај специјалист. Ако се утврди дека повредата е посериозна отколку што првично се мислеше, Дончиќ би можел да го пропушти квалификацискиот турнир, што драстично ќе ги намали шансите на Словенија да биде во Париз.

Околу оваа тема се јави и генералниот директор на Далас, Нико Харисон, кој изјави дека играњето за репрезентацијата на неговата земја е најголемо задоволство за Лука Дончиќ.

  • Боли, но тој е воин. Минува низ повреди, но таков е, сака да игра. Тоа е веројатно еден од најголемите извори на радост за него. Сè додека може да оди, веројатно ќе игра за Словенија, истакна Харисон.