Миленикот на четири тркала, популарниот автомобил „застава 101“ од народот наречен „стојадин“ или „стокец“ во Југославија го имаа најголемиот број од семејствата. Сите го сакаа и уживаа да го возат, а овде-онде сè уште може да се види како се „тркала“ по улиците на поранешните југословенски градови.
За да го купи овој автомобил кој во доцните 80-ти години на минатиот век бил еден од поевтините, просечно југословенско семејство требало да заштеди 38 плати. Или, неговата цена била еднаква на нешто повеќе од тогашните тригодишни просечни плати.
Според достапните извори објавени од форумот „Застава“, цената на новиот „стојадин“ објавена во 1972 година, во списанието АВТО била 40.040 динари или според тогашниот курс, околу 2.084 долари. Преведено во денешните вредности, земајќи ја предвид инфлацијата, пресметано е дека цената на тој автомобил сега би била околу 15.500 долари или околу 15.000 евра!
„Застава 101“ е модел развиен врз основа на „фиат 128“ и беше прва лимузина произведена во Југославија. Го произведе крагуевската фабрика „Црвена застава“, од чии погони излегуваше и популарното „фиќо“. Првпат на пазарот се појави во 1971 година и со својот иновативен концепт со пет врати, поточно комби-седан, брзо наиде на голем одѕив кај домашните возачи.
Достапен во две варијанти на 1.1 и 1.3 бензински мотори, моќни 55 и 65 коњски сили и во две основни верзии на каросеријата, со три и пет врати, „стојадин“ постигна респектибилни бројки на продажба. Се произведуваше цели 37 години, до 21 ноември 2008 година. Произведени се 1.045.458 „стојадини“, од кои 224.851 завршиле за извоз.
„Застава 101“ наскоро по појавувањето на пазарот доби статус на национално возило во Југославија, а Југословените беа посебно одушевени кога го видоа на филмско платно во холивудски филм. Југоносталгичарите особено ги израдува еден неодамнешен филм во кој популарната Хали Бери се вози токму во „стокец“
Но, најголема популарност не само во земјата, туку и во странство, првата југословенска лимузина стекна во 1975 година, кога група ентузијасти и новинари со неа од фабриката во Крагуевац тргнаа на пат до Килиманџаро. Експедицијата тогаш раскажала дека единствен проблем со автомобилот имале кога тркалата се закопувале во пустинскиот песок, па морале да го туркаат.
Прототипот на „застава 101“ од 1969 година во одреден момент бил стилизиран како „101“ од експедицијата и како таков под државна заштита се чува во хангар во Крагуевац.