Општина Битола го презентираше извештајот за проектот „Зелен катастар“, современ систем за регистрирање, управување и мониторинг на зелените површини и на урбаната дендрофлора во градот.

Од Општина Битола информираа дека проектот претставува една од најзначајните информации за урбаната средина или создавање т.н. лична карта на секое дрвенесто растение.

– Зелениот катастар е стратешки документ со кој е извршен попис на повеќе од 24.000 точки на територијата на Градот Битола, со посебен акцент на централното градско подрачје. При изработката на Зелениот катастар, беа попишани дрвја и грмушки во Градскиот парк, на улиците „Партизанска“, „Васко Карангелевски“ и „Филип Втори Македонски“, а ќе се продолжи во населбата Карпош. Со Зелениот катастар – дел 3, заокруживме една целина на градот, а во наредниот период ќе се врши попишување на преостанатото зеленило во Општината. Со овој документ се подобрува управувањето со зеленилото, со што директно се зголемува грижата за здравјето на граѓаните – истакна градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски.

Тој ја потенцираше важноста од почитувањето на Законот за урбано зеленило, што, како што кажа, подразбира дека секоја градежна парцела мора да има најмалку 20 отсто зеленило, со цел да не се дозволи дрвјата да ја загубат битката со бетонот.

Урбаната дендрофлора и Зелениот катастар заедно создаваат интегрирана платформа за долгорочно и одржливо управување со зелените ресурси во градовите. Тие овозможуваат ефикасно планирање нови и зелени површини, мониторирање на состојбата на постојните дрвја и подобрување на квалитетот на животната средина.

Преку нивна имплементација, градовите може да создадат поодржливи и зелени, урбани средини, кои ќе ги подобрат условите за живот на сегашните и на идните генерации. Во ера на зголемени климатски предизвици, нивната улога е од клучно значење за намалувањето на ефектите на урбаните топлински острови, за апсорпцијата на загадувачите и за заштитата на биодиверзитетот.

Општина Битола ја има водечката улога во таа насока и е општина што во континуитет работи на подобрување и на обезбедување поквалитетна животна средина.

Изработувач на Зелениот катастар на Битола е Здружението на граѓани за поддршка на шумарството и животната средина „Трифор“ – Скопје.

ИЗДВОЕНИ