Поп-ѕвездата Нина Бадриќ пред својот втор концерт во „Македонската филхармонија“ – Музиката на Македонците им тече низ вените!

47

Нашата домашна публика Бадриќ ја засака по многу убави песни („Такви као ти“,  „Чаробно јутро“, „Дани и године“….) а, тука без дилема се вбројува и народната македонска „Не кажувај либе добра ноќ“. Пејачката со посебни емоции за првпат ја испеа преработката со Диран, Гаро и Гарабет Тавитјан на нивниот албум „Македонското срце чука во 7/8“….  „Слушам многу македонски песни, многу ми се допаѓаат. Секогаш се одлично испеани“.

Една вечер, многу емоции: 27 април е датумот кога популарната хрватска поп-пејачка Нина Бадриќ ќе има свој нов втор концерт во Скопје, во „Македонската филхармонија“. Оној претходниот, кој се смета за прв, беше повеќе од успешен, и во организација на „Евент продукција“, а кој се одржа минатата есен во октомври, само уште посилно ги зацврсти концертните активности на пејачката во Македонија.  Таа на самата сцена, тогаш во октомври, изгледаше феноменално и тоа не само со својот атрактивен физички изглед, туку и со природно вродената харизма за комуникацијата. Но ја има и умешноста кога тоа ќе посака да се поигрува со прашањата од новинарите. И самата едно време беше новинарка-водителка на телевизијата, во некои забавно-музички емисии. Сепак, тоа е сосема друга приказна, за некоја друга пригода.

Додека да се случи овој нов скопски концерт, убавата Нина „батериите“ ги полни многу далеку на егзотичниот Тајланд. Таму ужива во буквална смисла на зборот. По цели денови е во костим за капење, а повремено знае и да ги израдува фановите, објавувајќи разголени фотографии под палмите на песочните плажи. Нина вели така опуштено и релаксирано, дека „животот не е кус, туку ние доцна ќе се сетиме да уживаме во нашиот овоземски живот кој нема реприза“!                                                -Трудете се да ве дружат добрите мисли кои го полнат организмот со позитивна енергија, а впрочем со тоа многу му помагате и на вашето ментално и физичко здравје!

Нашата домашна публика Бадриќ ја засака по многу убави песни („Такви као ти“,  „Чаробно јутро“, „Дани и године“….) а, тука без дилема се вбројува и народната македонска „Не кажувај либе добра ноќ“. Пејачката со посебни емоции за првпат ја испеа преработката со Диран, Гаро и Гарабет Тавитјан на нивниот албум „Македонското срце чука во 7/8“ во 2012 година.

-Знам дека публиката во Скопје нестрпливо го очекува секој мојот настап, па така и јас. Со големо нетрпение го очекувам и тој априлскиот концерт за кој постои голем интерес. Во Скопје сум како дома. Тоа не е фраза, бидејќи така велат и многу други пејачи. А, знаете ли зошто? Затоа што сте домаќини на кои не може да им се најде ниту една маана.

На прашањето дали од својот приватен живот прави театарски претстави или скандали, Нина како „од топ“ одговара дека пејачката кариера ја создава исклучиво со песните. Впрочем, таа направи споредба и со приватните животи на Здравко Чолиќ, Тереза Кесовија, Дино Мерлин, Џибони, Неда Украден, Бајага, Јосипа Лисац, за кои многу ретко некој знае кои им се интимните партнери, а сепак овие пејачи имаат мега-популарност.

-Може одлично да се функционира и без тоа да морам да ја покажувам пред публиката мојата спална соба, мојот појадок, мојот кревет за спиење, мојата кабина за туширање. Тоа ми е сосема невкусно. Јас сум пејачка, не сум фотомодел или инфлуенсерка. Таква сум и не можам да се менувам, објасни Нина.

Потенцира дека Македонија има многу врвни музичари и пејачи, од несреќно починатиот Тоше до Каролина Гочева, Калиопи, браќата Тавитијан. Посакува повторно некоја нова соработка со некој од македонските автори, верувајќи дека нема да помине долго време за да желбата и се исполни.

– Слушам честопати многу македонски песни, многу ми се допаѓаат, но воедно се прашувам, кои се тие што ги пеат тие песни. Секогаш одлично се испеани. Музиката на Македонците им тече низ вените, а тоа е жива вистина.Тоа ви е природна дарба.

Инаку, Нина била исклучително блиска со својот татко Симо, а неговата смрт длабоко ја потресла. – Тоа е таа љубов помеѓу ќерката и таткото која со зборови не се опишува.  Само се чувствува. Минатата година поминаа 10 тажни години од неговата смрт. Најдобриот човек што некогаш сум го запознала беше тој, мојот татко. Најголемата моја поддршка. Премногу ми недостасува за сè. Да молчиме заедно или да шетаме низ паркот. Или наеднаш да ми дојде наутро, да ми свари кафе и да ме чека да се разбудам. Секогаш се чувствувам гордо кога ќе ми кажат дека сум иста како мојот татко, а јас дека сум неговата „вредна пчеличка“, порача Нина за својот сакан родител, предизвикувајќи солзи во очите кај присутните.

Дуле Миќиќ

 

 

ИЗДВОЕНИ