Понудени решенија и мерки за намалување на трошоците за струја на јавните институции

13

Министерката за енергетика, Сања Божиновска, оствари средба со Управниот одбор на ЗЕЛС, каде што главна тема беа високите трошоци за електрична енергија со кои се соочуваат јавните претпријатија, училиштата, општините и уличното осветлување. Се разгледуваа неколку можни решенија и мерки што ќе придонесат за намалување на трошоците за електрична енергија на јавните институции.

Како прво решение се предложи унифициран терк за општините за јавни набавки на електрична енергија кој ќе можат да го користат сите институции, а е изработен во соработка со Бирото за јавни набавки. Ова ќе обезбеди набавка на електрична енергија по поповолни цени, поголема транспарентност и избегнување на непотребни трошоци.

Второ се предложи поддршка  на општините при набавка на струја со тоа што ќе бидат назначени лица за контакт од Министерството кои ќе делуваат како советодавно тело за институциите при набавка на електрична енергија.

Трето решение е јавните институции да бидат насочени да набавуваат електрична енергија преку Македонската енергетска берза (МЕМО), со интенција референтна берза да биде македонската берза, наместо како досега набавката да оди преку странски берзи како Купекс и со тоа би се избегнале дополнителните трошоци за пренос и други давачки.

Општините побараа поддршка од Министерството за реализација на проекти за енергетска ефикасност. На пример, некои општини веќе имаат формирано сопствено претпријатие и инсталирани фотоволтаици, но се соочуваат со административни пречки при добивање дозволи за продажба на вишокот произведена електрична енергија. Oд Министерството иззјавија дека ќе помогнат при надминување на овие бариери.

Околу 60% од општините веќе имплементирале смарт решенија за улично осветлување, што значително ги намалува сметките за струја. Останатите општини ќе бидат поттикнати да го следат овој пример.

Беше отворено прашањето за кривична одговорност во случаи на несоодветно управување со јавните набавки за електрична енергија, доцнење во процесот или ненавремено планирање, што доведува до финансиски загуби и долгови.

Општините побараа проектите за енергетска ефикасност да се спроведуваат централизирано преку Министерството за енергетика, наместо преку повеќе различни институции, со цел поголема ефикасност и побрза реализација.

– Министерството за енергетика останува посветено на изнаоѓање одржливи решенија за намалување на трошоците за електрична енергија во јавниот сектор и подобрување на енергетската ефикасност во општините. Во координација со Владата и останатите засегнати институции и компании ќе се разговара и за дополнителни мерки, а се со цел помош и поддршка на јавните институции – информираа од МЕРМС.

На состанокот дополнително се разговараше и за активности што општините можат да ги преземат во соработка и со помош на министерството, во насока на реализација на проекти што ќе придонесат за зголемување на енергетската ефикасност, генерирање помали трошоци и подобрување на условите за живот на граѓаните.

ИЗДВОЕНИ