Во над 300 пункта во сите градови во Македонија ќе се продаваат над 900 производи опфатени со „Новогодишната кошница“, со пониски цени за 10 проценти. Акцијата „Новогодишна кошница“ започна денеска и ќе трае еден месец, до 15 јануари, а секој производ на полиците во трговските синџири треба да биде обележан со налепница и со логото „Помалку трошоци, повеќе за тебе“, како дел од кампањата на Владата.
Станува збор за: лебот и житарките, пекарските производи, месото и преработките од месо, рибата, млекото и млечните производи, кондиторските производи, свежите, замрзнатите и конзервираните овошје и зеленчук, безалкохолните (газираните и негазираните) напивки, алкохолните пијалаци (виното и пивото) и друго. Од кошницата се изоставени маслото, шеќерот, кафето и какаото
Во над 300 пункта во сите градови во Македонија ќе се продаваат над 900 производи опфатени со „Новогодишната кошница“, со пониски цени за 10 проценти. Станува збор за: лебот и житарките, пекарските производи, месото и преработките од месо, рибата, млекото и млечните производи, кондиторските производи, свежите, замрзнатите и конзервираните овошје и зеленчук, безалкохолните (газираните и негазираните) напивки, алкохолните пијалаци (виното и пивото) и друго. Од кошницата се изоставени маслото, шеќерот, кафето и какаото.
Акцијата „Новогодишна кошница“ започна денеска и ќе трае еден месец, до 15 јануари, а секој производ на полиците во трговските синџири треба да биде обележан со налепница и со логото „Помалку трошоци, повеќе за тебе“, како дел од кампањата на Владата.
– Во моментот, вклучени се над 80 компании, а очекуваме да се приклучат и други компании и маркети, со што листата за новогодишната потрошувачка кошничка би се проширила со над 1.000 производи. Преку оваа мерка, директно помагаме за подобрување на животниот стандард на граѓаните, новогодишните празници да ги поминат во пристојни услови – велат од Владата.
Заменик-министерот за економија, Марјан Ристески, нагласи дека од кошничката се изоставени маслото, шеќерот, кафето и какаото за да не им се направат големи штети на компаниите.
– Овие производи не ги ставивме во мерката, зашто не сакавме да им наштетиме на компаниите што зависат од домашниот пазар, но и од цените на суровините на светските берзи, кои во моментов се многу зголемени. Но, има и одговорни компании, кои дадоа одредени попусти и на овие изземени производи – објави заменик-министерот.
Државниот пазарен инспекторат, кој веќе неколку дена ги следи цените за да утврди евентуални неправилности, ќе продолжи да врши контрола во маркетите за да се утврди дека се почитува договорот постигнат помеѓу Владата и трговците.
Владата очекува акцијата да го заштити семејниот буџет во услови на зголемени цени на прехранбените производи, што се потврдија и со последните податоци за инфлацијата од Државниот завод за статистика.
– Очекувам позитивни ефекти од акцијата и за празниците, што побогата потрошувачка кошничка за граѓаните, за понудата да биде што побогата – изјави деновиве премиерот Христијан Мицкоски.
Со „Есенската потрошувачка кошница“, која се применуваше од 24 септември до крајот на октомври, беа опфатени 73 производи и, според анализите на Министерството за економија, просечно четиричлено семејство заштедило меѓу 690 и 1.360 денари, во зависност од потрошеното и од продавниците каде што се купувало.
Наспроти власта, синдикатите реагираа дека трговците ја изиграле мерката, зголемувајќи ги цените на производите и најавија дека будно ќе ја следат примената на „Новогодишната кошница“.
– Новата синдикална минимална кошничка ќе биде пресметана на 20 декември, а акцијата стапува во сила на 15 декември, ќе знаеме што реално е намалено од основните производи во делот за храна и за пијалаци, а на 20 јануари ќе знаеме дали, по завршување на мерката на 15 јануари, трговците направиле зголемување на цените, со што би се изгубил ефектот од нив. За потсетување, трговците, пред стапувањето во сила на претходните мерки, ги намалија платите на вработените во трговијата за 5 проценти, согласно со што се намали и просечната плата, а поради неоправданото зголемување на цените, се зголеми вредноста на СМК во делот на храната и на пијалаците пред стапувањето на мерката на сила и, по нејзиното завршување, повторно имаше зголемување – истакнаа од ССМ.
За акцијата на Владата од СДСМ велат дека е „класична манипулација на власта, која ги потценува граѓаните“.
– „Новогодишната кошница“ е класична манипулација на власта, која ги потценува граѓаните и го прикрива вистинскиот проблем за кој нема решение, а тоа е покачувањето на цените на производите. Намерно се оставени простор и време за трговците да ги зголемат цените пред примена на мерката. Сега нема вистински да се намалат цените, туку трговците само ќе ги вратат на нивото на кое беа, и тоа реално не значи намалување и не носи никакви придобивки за граѓаните – реагираат од СДСМ.
Оттаму бараат итни и системски мерки за заштита на животниот стандард на граѓаните, меѓу кои и укинување на ДДВ на храната, со што вистински ќе се намалат цените на долг рок, и зголемување на минималната плата.
– Преку намалување на ДДВ, ќе им се олесни финансискиот товар на семејствата до 2.000 денари месечно или околу 24.000 денари годишно – потенцираат од СДСМ.
Покрај „Новогодишна кошница“, а за заштита на стандардот на граѓаните поради покачувањето на цените што е особено карактеристично пред празниците, од Владата најавија и велигденска и рамазанска кошница.
На 28 септември годинава стапи во сила Законот за нефер трговски практики во синџирот на снабдување со земјоделски и со прехранбени производи, кој, според власта, дополнително треба да ги намали цените на производите и трајно да стави ред во трговијата.
Со него се опфатени близу 2.500 производи на кои профитната маржа им е ограничена до 10 отсто, поради што се очекува за 10 отсто да ги намали нивните цени. Покрај ограничениот рабат, трговците нема да смеат да наплаќаат дополнителни трошоци за маркетинг, репрезентација, како и за истакнување одреден производ на полица.
(С.Бл.)