Обвинителството и полициските истражители во Романија утрово вршат претреси во куќи, еден ден откако Уставниот суд ги поништи претседателските избори поради сомневање за руско мешање во корист на кандидат на крајната десница.
„Се претресуваат три куќи во градот Брашов во случај поврзан со корупција на гласачи, перење пари и компјутерски фалсификат“, соопштија обвинителите.
Тие се сомневаат и за кршење на законот за забрана на организации и симболи од фашистичка, расистичка и ксенофобна природа.
Операцијата конкретно е насочена кон лице „кое веројатно е вмешано во незаконското финансирање на изборната кампања на претседателскиот кандидат“, соопшти обвинителството, без да го спомене името на националистичкиот кандидат Калин Георгеску.
Независниот кандидат на претседателските избори во Романија, Калин Георгеску синоќа изјави дека одлуката на Уставниот суд за поништување на првиот круг од изборите претставува официјален државен удар.
„На овој ден романската држава ја згази демократијата. Државата е во состојба на индуцирана кома. Заедно со народот го направивме она што го кажавме, напишавме историја. Време е да покажеме дека сме храбар народ“, рече Ѓорѓеску, кој победи во првиот круг на гласање, во обраќање на ТВ каналот Реалитатеа.
Критичар на ЕУ и НАТО, овој 62-годишен поранешен висок функционер вчера за медиумите изјави дека поддржува целосно прекинување на воената помош за Украина.
Георгеску во првиот круг од изборите на 24 ноември изненадувачки ги победи фаворитите од владејачките партии.
Во недела тој требаше да се соочи со проевропската центристка Елена Ласкони, која вели дека е „против системот“ и која добива се поголема поддршка на анкетите.
Во видеото таа вели дека „гласањето требало да се одржи“ и ја осудува „незаконската одлука на романската држава, која ја исмева демократијата и ја води земјата во анархија“.