Подготвеност во секое време да разговара за каква било идеја за национално помирување и обединување искажа премиерот Христијан Мицкоски. Во интервју за државната агенција МИА, тој рече дека може да разговара со кој било политички актер кој има каква било идеја што води кон национално помирување за државните стратешки интереси.
– Добро е што е сè поприсутно ова во јавноста, добро е што зафаќа темел, има свој корен и добро е да имаме ваков тип дебати во кои ќе имаме национално обединување, и јас го поздравувам тоа. Се разбира, и секогаш сум подготвен да разговарам со секој што има каква било идеја или предлог што значи национално помирување, да ги немаме оние дневни „ад хоминем“ политички разлики – нагласува Мицкоски.
Тој потсети дека во неговиот говор уште на 23 Октомври, Денот на Внатрешната македонска револуционерна организација, повикал на ваков тип обединување, кое ќе кулминира со заедничка соработка што би ја имале политичките чинители и Македонската академија на науките и уметностите. Односно да се креира една долгорочна стратегија за неколку децении однапред за да знаеме што треба да направиме и каде треба да се стремиме како држава.
До ова доаѓа откако во претходниот период зачестија повиците за изработување национални платформи, стратегии… Неодамна, Максим Димитриевски, лидерот на коалицискиот партнер во Владата – движењето ЗНАМ, предложи Национална платформа за македонско национално единство и црвените линии. Тој тогаш рече дека целта на Платформата содржана во деветте точки е да ги обедини сите политички фактори за да се изгради државен став со кој ќе се обезбеди и ќе се гарантира достоинствен пат на Македонија за остварување на стратешката цел – полноправното членство во Европската Унија.
– Со овој чин, се нуди можност за национално обединување, пред сè на македонскиот народ, но и на сите етнички заедници што живеат во неа – рече тогаш Димитриевски, по што беше доставена Платформата до сите парламентарни политички партии.
По ова, откако претходно автоматски го отфрли предлогот на ЗНАМ, најголемата опозициска партија, СДСМ, повика на правење на натпартиска и надетничка државна стратегија.
– Повикувам да создадеме заедно државна стратегија и платформа што ќе биде натпартиска, наднационална и надетничка. Да создадеме заедничка платформа во која сите партии ќе имаат свој придонес и никој нема да ја поседува. Тоа е рецепт за вистинско обединување. Нудам формирање тимови од сите парламентарни партии што ќе работат на ваквата платформа, да ги дефинираме стратешките позиции во сите области, да ги дефинираме клучните проекти и во здравството, и во образованието и во надворешната политика – истакна Филипче.
Претходно, во мај годинава, пак, опозициската партија Левица предложи Македонска платформа за да биде потпишана од промакедонските партии заради превенција од уцени. Но, и таа не беше прифатена од другите партии.
Претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, во новогодишното интервју за весникот ВЕЧЕР рече дека кога се работи за исцртување на националните позиции, политичките елити не го детектираат националниот интерес.
– Тие не го детектираат, ниту го претставуваат и бранат. Сите држави што тргнаа на патот на транзицијата и демократската консолидација, првото нешто што го направија по 90 години беше тоа. Бидејќи ја пренесуваа националната платформа како политичко наследство на секој друг по нив. Кај нас, поважно беше да ги пофалат однадвор, да ветат на маргиналци дека ќе станат нобеловци и овие да го направат неможното. Кај нас, сите се само декларативно за стратегија за национални интереси кога не се на власт – рече Сиљановска-Давкова.
По ваквите изјави и искажаната подготвеност од политичките фактори, останува прашањето на кој начин би требало да почне да се работи на помирувањето и на изработката на заедничка национална стратегија. Од најголемата опозициска партија, СДСМ, вчера не можеше да се добие одговор на прашањето дали би ја прифатиле подадената рака од премиерот Мицкоски. Односно дали во следниот период би можеле да се случат заеднички средби и контакти околу изработката на еден ваков документ. Истовремено, прашањето е што сметаат Мицкоски, Филипче и Димитриевски дека треба да биде главна содржина на процесот на помирување, на изработката на заедничка стратегија, платформа… бидејќи се забележуваат одредени разлики во тој поглед.
Политичките аналитичари неодамна, за ВЕЧЕР, оценија дека ваквите предлози се тешко остварливи, бидејќи секоја од страните не сака да отстапи од своите позиции. Тие сметаат дека сега е многу доцна да се направи таков чекор и од причина што меѓу партиите постои огромна недоверба, дури и за виталните и клучни прашања. Но, се додава дека за националните теми, за геострешките теми, за тоа во кој правец ќе оди државата, за некои среднорочни и долгорочни визии и агенди, мора да има заеднички настап и став. (Б.Ѓ.)