Полска уапси Украинка осудена за продажба на 56 бубрези

Жената е осудена за учество во меѓународна организирана криминална група која незаконски собирала ткива и органи од луѓе во периодот од 2017 до 2019 година и ги продавала на црниот пазар.

47

Полските граничари уапсија Украинка која беше осудена на 12 години затвор во Казахстан за учество во организирана криминална група која се занимавала со трговија со човечки органи и продажба на 56 бубрези, соопшти денеска обвинителството.

-Жената, идентификувана како Ксенија П., е уапсена на железнички премин меѓу Полска и Украина врз основа на налог за апсење на Интерпол, изјави портпаролката на полското обвинителство Марта Петковска.

Обвинителството не наведе причина зошто жената не била во затвор во Казахстан за време на апсењето, ниту кога била осудена.

Интерпол ја бара од ноември 2020 година, соопштија обвинителите. Црвеното известување на Интерпол е барање за привремено апсење на лице кое чека екстрадиција или слична правна постапка.

Жената е осудена за учество во меѓународна организирана криминална група која незаконски собирала ткива и органи од луѓе во периодот од 2017 до 2019 година и ги продавала на црниот пазар, додаде Петковска.

Таа, исто така, беше осудена за незаконско набавување на „бубрези од 56 повредени лица во Казахстан, Ерменија, Азербејџан, Украина, Киргистан, Таџикистан, Узбекистан и Тајланд“ заради финансиска корист, како и за „претворање на злосторствата во постојан извор на приход“.

Обвинителството поднесе барање до судот да и се изрече мерка притвор од еден месец за таа да биде екстрадирана во Казахстан.

ИЗДВОЕНИ