Функционери на ВМРО-ДПМНЕ објавија селфи од првото пробно возење со еден од функционалните возови, на отворањето на новата пруга Куманово – Бељаковце, во должина од 30,8 километри, која е првата реализирана секција од пругата кон Бугарија на коридорот 8 и која се градеше цели 28 години. Изградбата чинеше 78 милиони евра, дел од средствата се обезбедени од ЕУ и во неа учествуваа, покрај домашни компании, и компании од Италија, Словенија, Австрија и други. За неколку недели ќе се воведе редовна железничка линија Скопје – Куманово, а во одредени денови возот ќе сообраќа до Бељаковце, за жителите на кумановските села во тој дел од регионот

Бројни функционери на ВМРО-ДПМНЕ објавија селфи од првото пробно возење со еден од функционалните возови на отворањето на новата пруга Куманово – Бељаковце, во должина од 30,8 километри, која е првата реализирана секција од пругата кон Бугарија на коридорот 8 и која се градеше цели 28 години. На оваа делница има три нови железнички станици, шест стојалишта, пет моста, еден тунел и многу други инфраструктурни објекти.

– Она што претставува важна симболика е што изградбата на оваа пруга претставува и синоним за победа на една неуспешна и криминална транзиција. Последниот воз што се обратил на овие правци е во далечната 1996 година, и практично нејзината изградба стана трик за лагите и за неуспесите на многу влади потоа – кажа премиерот Христијан Мицкоски.

За него, коридорот 8 претставува подеднакво значаен и стратешки проект заедно со коридорот 10.

– Овие два коридори се главен приоритет за оваа Влада, бидејќи, како држава, претставуваме приодна раскрсница на овие два коридори и ова треба да претставува наша предност во споредба со другите држави во регионот – рече премиерот.

Изградбата чинеше 78 милиони евра, дел од средствата се обезбедени од ЕУ и во неа учествуваа покрај домашни компании, и компании од Италија, Словенија, Австрија и други. На железничките станици и стојалишта е инсталирана сигнално-телекомуникациска опрема во вредност од 10 милиони евра, алуминиумски седишта, челични натстрешници, дисплеи, ЛЕД-осветлување.

За неколку недели ќе се воведе редовна железничка линија Скопје – Куманово, а во одредени денови возот ќе сообраќа до Бељаковце, за жителите на кумановските села во тој дел на регионот.

Мицкоски најави дека наскоро ќе се заврши и втората секција, како и тендерската процедура од третата секција.

– Убеден сум дека наскоро ќе се заврши и втората секција во рокот што е предвиден во договорот. Многу скоро ќе заврши тендерската процедура од третата секција, со што ќе бидеме целосно поврзани со нашиот источен сосед, а со тоа ќе бидеме и дел од еден многу важен коридор не само за ЕУ, туку и за НАТО – додаде премиерот.

(С.Бл.)

 

ИЗДВОЕНИ