Половина тон печени костени, локална храна, многу музика и оро

22

Печени костени и специјалитети од костен, локална храна, многу музика, забава и оро ќе им понуди на посетителите годинешнава „Костенијада“ или фестивалот на смоларскиот костен во општина Ново Село, што ќе се одржи утре на платформата под Смоларскиот водопад, со почеток во 11 часот.

Организаторите канат на уште едно вистинско уживање во убавините на Беласица, надополнети со локални специјалитети од костен и добра музика, за што ќе биде задолжена Адријана Јаневска, а свој настап низ повеќе кореографии ќе има и КУД „Јане Сандански“, кој во Италија направи вистински спектакл.

Лани голем број посетители уживаа на фестивалот на смоларскиот костен.

Се очекува да бидат испечени околу половина тон костени за што ќе бидат ангажирани 20-ина лица кои ќе ги печат на жар, на лице место. Паралелно, ќе бидат изложени и голем број локални и традиционални специјалитети, при што ќе има и неколку од костен.

Според многумина смоларскиот костен е еден од најквалитетниот во државата.