Собранието со 65 гласа „за“ го изгласа Законот за задолжување со заем од половина милијарда евра од унгарската Влада, по скратена постапка. Опозицијата обвини дека државата ќе биде и должник на Унгарија и ќе плаќа и провизии на фирма што нема сама да ја избере, а, пак, власта истакна дека половина од парите ќе одат за финансирање на инфраструктурни проекти на општините, а другите средства за финансирање евтини кредити кон стопанството, од 250 милиони евра.

Заменик-министерот за финансии, Николче Јанкуловски, ги претстави условите за заемот и посочи дека државава ќе ѝ плаќа на унгарската Експорт-импорт банка провизија за евентуално неповлечени финансиски средства во висина од 0,5 проценти од заемот, на годишно ниво.

– По изгласувањето на Законот и по потпишување на указот од претседателката, планираме веднаш да се потпише договорот и да не се плаќаат овие провизии по овој основ. Државава ќе плати провизија за извршени правни услуги на независна фирма избрана од Унгарската експорт-импорт банка пред повлекување на траншата. Рокот за отплата е 15 години, со вклучен грејс-период од три години, а каматната стапка е фиксна и изнесува 3,25 проценти. Ќе се отплаќа на 24 полугодишни рати, на 15 февруари и 15 август секоја година. Од она што го знаеме е дека таа провизија ќе изнесува околу 70 илјади евра и споредено со еврообврзницата што сме ја издале во 2023 година, за ист износ на заем сме платиле 880 илјади евра, а во 2021 година – милион и 200 илјади евра – рече Јанкуловски.

Пратеникот од опозицискиот СДСМ, Фатмир Битиќи, истакна дека државата ќе биде и должник и ќе плаќа и провизии на фирма што нема сама да ја избере.

– Во случајов, покрај провизијата од 0,5 %, добиваме и скриени трошоци за правни услуги, кои, во суштина, немаат никаква врска за македонските институции. Се појавуваат скриени трошоци за кои многу малку или воопшто не можеме да слушнеме, ниту да прочитаме. Никаде не стои колку е износот на скриените трошоци кон избраната консултантска куќа, така што измислените 70 илјади евра и, можеби, 700 илјади или, пак, 7 милиони ги знае само Владата, но наскоро ќе видиме во отворени финансии – рече Битиќи.

Според него, со овој заем се остава простор за политички манипулации и корупција, а странските заемодавци може да поставуваат услови, кои ќе бидат неповолни за нашата држава и ќе влијаат на нашите внатрешни и надворешни политики.

– Ова задолжување носи огромен ризик за економската стабилност на државата, идните генерации ќе ги плаќаат последиците, а граѓаните ќе се соочат со зголемени даноци, инфлација и со намалена куповна моќ. Ова не е патот кон економски развој – рече Битиќи.

Тој праша дали отсуството на министерката за финансии на пленарната седница значи несогласување или, како што истакна, „уште полошо – неподготвеност да преземе одговорност за оваа одлука и за нејзините последици“.

Бране Петрушевски од ВМРО-ДПМНЕ рече дека „да се зборува за тајност за едно задолжување кое беше најавено уште во предизборниот период, за едно задолжување за кое се дебатира со месеци – е смешно“.

– Тоа е така, затоа што се свесни дека ова задолжување е далеку поевтино од сите нивни претходни задолжувања, затоа што неговата влада на овој поранешен вицепремиер само од јануари до јуни 2024 година, за само шест месеци направија вкупни трошоци за камати во буџетот од 182 милиони евра, во истиот период во 2023 година биле 108 милиони евра, а во 2022 биле 83 милиони евра. Повикот за општините е објавен, со коморите е договорено, парите ќе се инвестираат кај граѓаните и во македонската економија – рече Петрушевски.

Муцунски за унгарскиот кредит

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, прашан зошто Унгарија би имала интерес да ѝ даде кредит на земјава во ситуација кога нејзините макроекономските показатели се далеку од сјајни – со огромен јавен долг и многу висок дефицит, рече дека тоа е грижа на унгарскиот премиер и оти договорот е јавно објавен.

– Најголемата критика е дека за тој заем има адвокатски услуги, кои се природни. Ако критиката е дека се плаќаат 70 илјади евра за заем што е под сите пазарни услови, тогаш таа критика не држи. Која е заднината? Унгарија, како земја што е најблиска до регионот на Западен Балкан, сака стабилност и препознава потенцијал во новата Влада. Ако не можеме да обезбедиме заем под добри услови, нè критикуваат дека земаме големи заеми. Сега, проблемот е заемот доаѓал од земја членка на ЕУ и на НАТО, но таа моментално имала несогласувања со ЕК и со неколку земји членки – рече Муцунски.

Тој нагласи дека тој, како министер, еднакво ќе ги третира сите потенцијални инвеститори без разлика дали доаѓаат од Унгарија, Словачка, Чешка или од САД, бидејќи има обврска да соработува со сите, да гради односи и да не биде селективен.