Општина Куманово одвои половина милион денари за „паметно управување со отпад“ и ќе ги субвенционира граѓаните за одлагање на пластични шишиња и лименки – информираа од Секторот за комунални дејности. Локациите каде ќе бидат поставени машините сè уште не се утврдени.
Граѓаните ќе добиваат т.н. зелени поени со секое правилно депонирано шише.
– Ќе бидат поставени во централното градско подрачје и суштината е секој кој ќе вметне пластично шише ќе добие еден зелен поен кој изнесува 0,5 денари. Од тие причини Општина Куманово со 500.000 денари ќе се вклучи во субвенционирање на исплата на овие зелени поени. Секој маркет ќе дава своја картичка преку која ќе се акумулираат тие зелени поени кои подоцна граѓаните ќе можат да ги искористат при пазарење – објасни раководителката на Секторот за комунални , Лидија Ланг-Спасовска.
Кумановци ќе мора да инсталираат и мобилна апликација за да ги добиваат поените. Целта на проектот, како што е наведено е да се создадат навики кај граѓаните за селектирање на амбалажата, да се подигне еколошката свест, да се унапреди животната средина, да се намалат количините на отпад.