Политико: Зеленски сака да го придобие Трамп пред мировните преговори

42

Украинскиот претседател Володимир Зеленски сака да ја придобие американската администрација на страната на Украина пред какви било мировни преговори со Русија, користејќи го рудното богатство на Украина како потпора, пишува Politico.

Зеленски на Телеграм напиша дека во наредните недели ќе биде многу зафатен со дипломатски активности, наведувајќи дека ја цени соработката со Трамп, пренесува Танјуг.

Годишната Минхенска безбедносна конференција започнува следната недела, а на неа ќе учествува и Зеленски, како и американскиот потпретседател Џеј-Ди Венс и Кит Келог, специјалниот пратеник на Трамп за Русија и Украина.

Трамп претходно најави намалување на американската помош за Украина, но неодамна изјави дека е отворен за договор со Киев под услов Украина да ги отвори своите минерални ресурси, вклучително и ретки метални руди.

Во интервју за Ројтерс, Зеленски рече дека е отворен за идејата да им се овозможи на САД пристап до рудното богатство на Украина.

Украина е подготвена да увезува ЛНГ од САД
„Американците помогнаа најмногу и затоа Американците треба да заработат најмногу… За ова би сакал да разговарам и со претседателот Трамп“, рече Зеленски.

Тој додаде дека идејата не е само да се предадат ресурсите на САД, туку и заеднички да се развиваат понатаму.

Зеленски, исто така, рече дека Украина е подготвена да увезува течен природен гас (LNG) од САД, како и да биде центар за негова испорака до цела Европа.

Трамп најави дека наскоро ќе ја одржи првата средба со Зеленски, најверојатно следната недела, и дека планира да разговара со Путин за војната во Украина.

ИЗДВОЕНИ