Четворица високи соработници на американскиот претседател Доналд Трамп имале тајни разговори со некои од главните политички противници на украинскиот претседател Володимир Зеленски, исто како што Вашингтон се усогласуваше со Москва во обид да го тргнат украинскиот претседател од позицијата, пишува „Политико“.
Како што изјавиле украински парламентарци и републикански експерт за надворешна политика на САД, високите соработници на Трамп разговарале со лидерката на украинската опозиција Јулија Тимошенко, која „Политико“ ја опишува како безмилосно амбициозна поранешна премиерка и со високи членови на партијата на Петро Порошенко, претходникот на Зеленски. Дискусиите се фокусирале на тоа дали Украина би можела да одржи брзи претседателски избори. Тие се одложуваат во согласност со уставот на земјата, бидејќи Украина останува во воена состојба. Оние кои се против избори велат дека тие би можеле да бидат хаотични и да ги искористи Русија, со толку многу потенцијални гласачи кои служат на првите линии на фронтот или живеат во странство како бегалци.
Соработниците на Трамп веруваат дека Зеленски ќе ги изгуби изборите поради незадоволството на јавноста од корупцијата и заморот од војната. Но, иако неговата популарност опадна последниве години, најновите анкети покажуваат дека тој сè уште води во претседателската трка. Неодамнешното истражување на јавното мислење покажа дека Зеленски има поддршка од 44 отсто, додека неговиот најблизок ривал, поранешниот командант на армијата и сегашен амбасадор во Велика Британија, Валериј Залужни, заостанува со повеќе од 20 отсто. Полоши резултати имаат и другите ривали на Зеленски. Порошенко има 10 отсто поддршка, а Тимошенко 5,7 отсто.
Според „Политико“, клучот за сите планови што се дискутираат преку неформални канали е да се одржат претседателски избори откако ќе биде договорен привремен прекин на огнот, но пред да почнат сериозни мировни преговори. Идејата за предвремени претседателски избори ја турка и Кремљ, кој со години сака да се ослободи од Зеленски. И Тимошенко и Порошенко јавно се спротивставија на одржување избори пред да заврши војната, а со истиот став е и градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, кој најавува учество во претседателски избори.
Иако Тимошенко и Порошенко јавно се против избори пред да заврши војната, извори тврдат дека преку неформални канали се позиционираат како политичари кои повеќе би сакале да соработуваат со администрацијата на Трамп.