Сè поголем број Американци како образложение за откажаниот пат во странство го наведува стравот или двоумењето поради очекуваните негативни реакции на политиките и постапките на актуелната администрација. Истражувачката компанија „Туризам економикс“ објави дека годинава доаѓањето туристи се очекува да падне за 5,1%, а потрошувачката за 11%, што претставува загуба од 18 милијарди долари. Само канадските туристички агенции откажале до 30% од патувањата
Туризмот може да биде жртва на новата американска политика, сметаат експертите. Медиумите нотираат дека веќе има откажувања на туристичките аранжмани и тоа од Американци кои веќе платиле летување во странство, но и од странци кои планирале да патуваат во САД.
Сè поголем број Американци како образложение за откажаниот пат во странство го наведува стравот или двоумењето поради очекуваните негативни реакции на политиките и постапките на актуелната администрација. Раџ Џиавали, основач на туристичката агенција „Соушлтурс“ со седиште во Катманду, која е специјализирана за приспособени, локално фокусирани маршрути, вели дека неодамна првпат доживеал американски клиент да го откаже патувањето во Непал. Клиентот објаснил дека му е страв да патува за време на актуелната американска администрација.
-Целосно потврдената резервација беше откажана кога лицето почна да се чувствува небезбедно за патувањето, изјави Џавали за ЦНН Тревл, додавајќи дека забележал пораст на слични грижи кај другите американски клиенти.
Тој нема сомнеж дека ова чувство на неудобност за патување ќе го имаат и луѓе од други земји и тоа ќе го погоди туризмот.
„Време е за стратегија за заштита на туризмот во светот погоден од Трамп“, напиша тој во неодамнешна објава на ЛинкдИн.
Првите бројки кои го покажуваат падот на интересот на странските туристи за патување во САД, според ЦНН се појавуваат само неколку месеци откако Доналд Трамп го почна својот втор претседателски мандат. Истражувачката компанија „Туризам економикс“ објави дека годинава доаѓањето туристи се очекува да падне за 5,1%, а потрошувачката за 11%, што претставува загуба од 18 милијарди долари. Само канадските туристички агенции откажале до 30% од патувањата.
Некои европски земји ги советуваат трансродовите и небинарните луѓе да избегнуваат патување во САД. Исто така, нотира ЦНН, некои Американци, кои планираат патувања во странство или веќе се на пат, ги чувствуваат силните ефекти од вториот мандат на Трамп бидејќи се формира нова перцепција за Америка и Американците низ светот. Некои изразуваат страв или двоумење кога планираат патување поради очекуваните негативни реакции на политиките и дејствијата на сегашната администрација, вклучително и воведувањето големи царини, третманот на сојузничките земји и заканата од анексија на Канада и Гренланд.
Сиера Мелоун, експерт за односи со јавноста и дигитален маркетинг, изјави за Си-ен-ен дека „се чувствува понервозна од обично пред нејзиното претстојно повеќемесечно патување во Европа, кое овој месец го почна со Франција. За Мелоун, искусна патничка која живеела во Англија три години додека студирала, ова патување означува ново поглавје во нејзиниот живот како дигитален номад.
– Последен пат кога Трамп беше на власт, беше непријатно. Овој пат е страшно, вели Мелоун, која води и блог за патувања.
Според неодамна објавените податоци на британската компанија за истражување на пазарот „ЈуГов“, европската наклонетост кон САД значително паднала во седум големи европски земји, по реизборот на Трамп. Во извештајот се наведува дека во однос на последното истражување пред реизборот на Трамп, позитивните ставови кон САД сега паднале меѓу шест и 28 процентни поени. Позитивниот став кон САД најмногу паднал кај Данците, од 48% на 20 %, што е разбирливо поради аспирациите на Трамп кон Гренланд, кој е автономна територија во Данска. Исто така, само околу една третина од испитаниците во Шведска, Германија, Франција и Велика Британија гледаат позитивно на САД, додека во Италија 42, а во Шпанија 43 проценти.
Но, Едуардо Сантандер, директор на Европската комисија за туризам, за Си-ен-ен вели дека најновите податоци за пристигнувањата „не покажуваат дека неодамнешните политички случувања влијаеле на американските патувања во Европа“ и дека американскиот пазар останува камен темелник на европскиот туризам. Наспроти Сантандер, некои туристички стручњаци сепак, се подготвуваат за можни промени.