Отворените граници се голема придобивка за криминалците кои бегаат од правдата, даваат можност за полесно движење на сторителите на кривични дела, односно нивно засолнување во друга држава кое го усложнува процесот на откривање и пресудување на криминалот.
Пред неколку дена кривичниот суд ги осуди за виновни и им одреди највисоки затворски казни на екс разузнавачите во поранешната Управа за безбедност и контраразузнавање, Горан Грујевски и Никола Бошковски, за уништување на системот преку кои го правеле масовното прислушување на дваесет илјади граѓани во државата. Но, двајцата тешко дека ќе го одлежат своето бидејќи најверојатно се во Грција како политички азиланти. Писмените барања преку министерството за правда годините наназад-државата да и ги предаде на Македонија бегалците, влеваа надеж дека тие ќе се соочат со првадата. Грујевски и Бошковски кои се бараат со меѓународна потерница, првиот за кривично дело злосторничко здружување, вториот за терористичко загрозување на уставниот поредок, побараа азил во Грција во 2017 година, а грчкиот Врховен суд го одби барањето за екстрадиција на македонските власти.Тие својата одбрана во судот ја преставуваа како политички прогон од страна на тогаш новата политичка гарнитура. Со слични аргументи политички азил доби и поранешниот премиер Никола Грувески во Унгарија.
На прашањето дали правда ќе поднесе ново барање за екстрадиција за Грујевски и Бошковски од Министерството ни одговорија дека: „За Горан Грујевски беше испратено барање за екстрадиција до Министерството за правда на Хрватска бидејќи тој беше уапсен во Загреб во 2024 година, но веднаш го ослободија затоа што има азил во Грција. За Никола Бошковски нема никакви промени – одбиено е барање за екстрадиција од Грција“.
Правните експерти коментираат дека екстрадицијата треба да биде пред сé правна одлука, заради тоа што интересот за остварување на кривичен прогон и на извршување на кривична санкција изречена во судска постапка е пред сé правен, но сепак се прифаќа дека е политичко-правна одлука, во која последниот збор ја има извршната власт-Министерството за правда, логична е потребата политичарите при својата конечна одлука во претежен дел да се водат од правните принципи и правната аргументација за односните случаи.
Листата на бегалци во МВР кои се бараат со меѓународна потерница и преку ИНТЕРПОЛ ја прават повеќе од стотина, обвинети за дела поврзани со финасискиот криминал до тешки злосторства како убиство. Од полицијата за весникот ВЕЧЕР велат дека во последните три години во земјава биле обезбедени и вратени во земјава 200 лица кои се барале со меѓународна потерница. На прашањето дали имааат сознанија каде се Артан Груби, Перпарим Бајрами, Васко Ковачевски и двоецот Грујевски-Бошковски, осудените во Монструм, Африм Исмаиловиќ и Алил Демири, не добивме одговор.
–Ве информираме дека МВР има одлична соработка со надлежните институции кеде се лоцирани лицата и истите се во процес на разгледување на споменатите случаи, кусо одговорија од МВР за весникот ВЕЧЕР.
Осудениците што се во бегство може да ја избегнат казната ако помине извесен временски период до застарувањето на казната. Тоа е регулирано со член 109 од Kривичниот законик, односно застарувањето зависи од висината на казната. За пресуда доживотна казна, казната застарува кога ќе поминат 30 години од пресудата, за казна затвор од 10 години, застарувањето поминува по 20 години, за две години застарува пресуда до една година или парична казна. Голем дел од бараните лица кои биле уапсени во странство, често преку правните и други лавиринти успеале да го избегнат испорачувањето во земјава, како Грујевски, Бошковски,Груевски, затоа и потерниците по нив се уште активни. (П.А)