Политичари во болничките соби на повредените од Кочани – грижа или ПР?!

356

Различни реакции во јавноста предизвика влезот на политичарите во болничките соби и посетата на тешко повредените од пожарот во кочанската дискотека „Пулс“. Додека едни гледаат во тоа искрена грижа за пациентите, други на социјалните мрежи коментираат дека тоа е недозволив ПР, но и обвинуваат дека не се почитувани протоколите за болничка посета на сериозно повредени. Во однос на тоа, премиерот Христијан Мицкоски денеска, на новинарско прашање дали смета дека посетата на овие пациенти е примарна и емпатична во услови кога ни на семејствата не им е дозволено да ги видат своите најблиски и дали биле почитувани протоколите како, на пример, целосна заштитна опрема, а не само маски и дали имал согласност од пациентите за посета, рече дека ги почитувал сите протоколи побарани од медицинскиот персонал, од докторите.

– И вчерашниот и денешниот ден посетив пациенти и вчерашниот и денешниот ден ги запазив сите оние протоколи што ни беа апсолутно побарани од медицинскиот персонал, од докторите. И во текот на вчерашниот и во текот на денешниот ден, нема никогаш да видите лице, ниту, пак ,да слушнете и да прочитате име на пациент што сум го посетил. Ќе ги погледате денеска сите слики и ќе видите како сум влегол. Да, има и такви што влегуваа со камери и слично, но, како што видовте вие, и вчера и денеска јас никаде не влегов со камери, ниту имам намера да правам ПР од сето ова. Фотографиите се во тил, никаде нема лице на ниту еден пациент, ниту, пак, ќе си дозволам. Многу внимателно ги избиравме фотографиите за да нема ниту едно лице. Не го правам тоа поради ПР, го правам тоа за да излезам пред вас, за да не се кријам и за да зборувам отворено. Ако е проблем тоа, а не мислам дека ќе се сложат вашите колеги со вас, тогаш подготвен сум да сносам одговорност – рече Мицкоски.

По посетата на премиерот на хоспитализираните во ГОБ „8 Септември“, владината служба објави фотографии само од средбите со медицинските лица во болничките ходници, за разлика од посетата на клиничкиот центар „Мајка Тереза“ претходниот ден, кога имаше фотографии и од собите. Но, како што рече премиерот, на тие фотографии не се гледаат лица и не е загрозена приватноста на болните.

Вчера, премиерот беше во посета на хоспитализираните во Клиничкиот центар, заедно со министерот за здравство, Арбен Таравари, кој, пак, денеска, отпатува во посета на болните во Солун и во Софија.

Претходно, и во македонската и во српската јавност имаше лавина негативни реакции за начинот на кој српскиот претседател, Александар Вучиќ, со толпа новинари и камери влезе во болничките соби кај тешко повредените пациенти, кои по трагедијата во Кочани беа пренесени да се лекуваат во Србија, со што благодарноста за помошта во овие тешки моменти за миг се претвори во револт насочен кон Вучиќ. Граѓаните од двете земји му порачаа на српскиот претседател дека не треба да се прави ПР на грбот на оваа голема трагедија, туку дека повредените од Македонија биле транспортирани во Србија за да се лекуваат.

Во исто време, докторите предупредуваат дека изгорениците се тешки повреди и отворени рани и мора многу да се внимава да не се инфицираат, со што ќе се влоши состојбата на пациентите. (В.С.Н.)

 

 

 

ИЗДВОЕНИ