Полициски возила со камери ќе снимаат и казнуваат непрописно паркирани автомобили

38

Со имплементацијата на системот „Сејф сити“, покрај возилата во движење, ќе се казнуваат и тие што се непрописно паркирани, на сообраќајни ленти, велосипедски патеки, тротоари и зелени површини, рече денеска министерот за внатрешни работи Панче Тошковски како одговор на новинарско прашање.

-Доколку сакаме системски да се посветени на проблемот, не можеме само фокусирајќи на законската легислатива. Мора да биде поопфатен процес и да се посвети соодветно внимание на градскиот сообраќај, велосипедистите, погрешно паркираните возила, обележани и необележани пешачки премини…Затоа имаме експерти од сите области во рамки на дискусијата. Владата во иднина интензивно ќе се посвети на системско решавање на овие проблеми. Моментално ги подготвуваме. Фокусирани сме на поголем број проекти за повисок степен на сообраќајна култура, рече Тошковски по јавната трибина за измените на Законот за безбедност во сообраќајот на патиштата и Законот за прекршоци за проектот „Безбеден град“.

Министерот се согласува со констатацијата дека сепак во главниот град, како и во некои други градови, нема доволен простор за паркирање и дека паралелно треба да се работи на урбанистички предуслови.

Системот „Сејф сити“ и поставените камери ќе започнат со работа од 1 јануари следната година. Министерството за внатрешни работи (МВР) ќе има доволно време да ги евидентира сите новорегистрирани возила и да ги усогласи податоците со останатите институции, со цел прецизно утврдување на начинот на казнување.

Возачите кои ќе направат прекршок ќе добиваат СМС порака или е-пошта со фотографија од прекршокот во рок од 24 часа.

Неколку месеци граѓаните прво ќе добиваат пораки со предупредување, а од 1.1.2026 ќе ги овозможиме законските услови тоа да биде онака како што треба, истакна Тошковски.

ИЗДВОЕНИ