Полицаец од одделот за нарко-криминал во Задар продавал кокаин и хероин

60

Задарски полицаец од одделението за нарко-криминал е уапсен поради шверц на кокаин и хероин кои ги набавил и ги продавал на второпријавениот, како и на други заинтересирани купувачи на нарко пазарот во Задар, соопшти денеска Управата за сузбивање на корупција и организиран криминал (УСКОК).

Против 43-годишен полицаец и две години постар маж е покрената истрага поради сомнение за злоупотреба на положбата и овластувањето, неовластено производство и продавање на дрога и поттикнување за извршување на овие кривични дела, јавуваат загрепските медиуми.

Полицаец бил уапсен вчера додека носел 134 грама кокаин непосредно пред да го продаде на второосомничениот. Истиот ден при претрес во станот на полицискиот службеник биле пронајдени 382 грама хероин и 420 грама кокаин, вакуум уред и три ваги со траги од кокаин.

При претрес на становите на второпријавениот во Задар биле пронајдени 2.100 евра, околу 46 грама хероин, четири дигитални ваги и лековите дијазепам и метадон за кои немал лекарски рецепт.

Новинската агенција Хина објави дека УСКОК ќе му предложи на истражниот судија на Жупанискиот суд во Сплит да им одреди мерка притвор за двајцата обвинети.

ИЗДВОЕНИ