Полицијата преку видео спотови се пофали за успесите постигнати од доаѓањето на Панче Тошковски на позицијата министер за внатрешни работи. Пред публика, видеата се прикажаа на кино проекција во салата Биљана Беличанец во Кисела Вода. Од содржината можеше да се слушне дека полицијата со последните неколку акции во случаите со откривање на терористичка ќелија, разбивање на криминалната банда Беланоца, акцијата за откривање на криминалите во РЕК Битола и Осломеј, разоткривање на злоупотребите во Лотарија, покажала вистинска борба против организираниот криминал и корупција.
„На почетокот начекавме министерство кое беше во хаос, буквално пред колапс. Успеавме да воспоставиме ред во вадењето на личните документи, создадовме дигитална апликација за поднесување на барање за добивање дозвола за оружје . Со проектот Безбеден Град очекуваме да се подобриме не само безбедноста, туку и во сообраќајната култура. Полицијата е ослободена од стегите на минатото, Законот стига до секого и до оние што мислат дека ќе се скријат од него“, изјави министерот Панче Тошковски
Во иднина министерот најави изградба на нови полициски станици, нови возила, дронови на граничните премини, нови униформи и реновирање на центарот за обука во Идризово.
На церемонијата благодарници добија министерот за одбрана Владо Мисајловски и неколку градоначалници.