Во тек сe огласите за распределба на 35 социјални станови во Кочани и 29 станови во новата социјална зграда во Велес со што ќе се обезбеди покрив над глава на 64 семејства од социјално ранливи категории граѓани. Социјалната зграда во Кочани е трета изградена по ред во овој град, а во новата зграда во Велес има станови со површина од 38 до 42 квадратни метри
Во тек сe огласите за распределба на 35 социјални станови во Кочани и 29 станови во новата социјална зграда во Велес, со што ќе се обезбеди покрив над глава на 64 семејства од социјално ранливи категории граѓани.
Социјалната зграда во Кочани е трета по ред во овој град и е градена по Програмата за изградба, продажба и одржување на станбениот простор во сопственост на Република Македонија, а согласно рамковниот договор за заем склучен меѓу нашата држава и Банката за развој при Советот на Европа. Новата зграда во Велес во која има станови со површина од 38 до 42 квадратни метри е во близина на поранешен „Киро Ќучук“ и Ветеринарната станица
Деца без родители или родителска грижа со наполнети 18 години и претходно биле згрижени во домови или во родителски семејства, деца без родители, како и корисници на правото на гарантирана минимална помош, лица погодени од елементарни односно природни непогоди, лица со попреченост и семејства со лица со попреченост, потоа лица припадници на ромската заедница кои се социјално загрозени, како и самохрани родители со малолетни деца можат да конкурираат за добивање на социјален стан под закуп во овие две згради.
Потребната документација која лицата ја поднесуваат до ЈУ Меѓуопштински центар за социјална работа во Кочани треба да биде доставена заклучно со 28.10.2024 година. Заинтересираните, пак од Велес, треба да поднесат документи во Меѓуопштинскиот центар за социјална работа во Велес најдоцна до 21 октомври годинава.
Инвеститор на социјалните станови беше Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор, а ќе ги распределува Министерството за транспорт и согласно Методологијата за бодирање на кандидати за добивање на социјален стан под закуп составен дел на Одлуката за распределба на социјални станови, како и условите за нивно користење изградени по Програмата за изградба, продажба и одржување на станбениот простор во сопственост на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.37/22 и 38/22).
(С.Бл.)