Италијанската премиерка Џорџа Мелони е под судска истрага поради ненадејната одлука на Италија да ослободи либиски полицаец кој е под налог за апсење на Меѓународниот кривичен суд (МКС).
Осама Елмасри Њем беше ослободен минатата недела по неколкудневен притвор по налог на МКС издаден за наводни злосторства против човештвото, пренесува Ројтерс.
МКС побара објаснување од италијанските власти и тврди дека Италија не била консултирана пред нејзината одлука.
Мелони во објава на социјалните мрежи откри дека е осомничена за проневера и помагање во кривично дело поврзано со тој случај.
Италијанската премиерка не мора да се повлече поради ова, а фактот што таа беше ставена под истрага во Италија не имплицира вина или значи дека ќе следуваат формални обвиненија, пишува Ројтерс.
„Нема да бидам уценувана и нема да дозволам да ме заплашуваат, а поради тоа, ајде вака, не сум сакана од оние кои не сакаат Италија да се промени и да стане подобра“, вели таа во видеото објавено, на нејзиниот Фејсбук профил.
Под истрага се и министерот за правда Карло Нордио, министерот за внатрешни работи Матео Пјантедоси и потсекретарот за разузнавање на кабинетот Алфредо Мантовано.
Ним бил управник на затворот во Триполи каде што наводно биле извршени злосторства против човештвото и воени злосторства, вклучувајќи убиства, мачење, силување и сексуално насилство, од 2015 година до денес, според веб-страницата на МКС.
Тој беше уапсен во Торино, а потоа ослободен неколку дена подоцна и се врати во Либија со владин авион. Италијанската опозиција ја обвини владата на Мелони дека им помага на либиските власти бидејќи од нив зависи да ги спречат илегалните мигранти да пристигнуваат на италијанските брегови, пишува Њујорк Тајмс.
Владата на премиерот ги отфрла тие тврдења и посочува дека го ослободила Либиецот од процедурални причини. Италијанската полиција наводно го уапсила Њем пред да добие официјални барања од Министерството за правда, што ја прекршило процедурата, според американски медиум на италијанските власти.