Премиерот Христијан Мицкоски смета дека одлуката на градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов, да го напушти ЗЕЛС е погрешна и дека тоа е негова одлука, а не на општината.
– Не верувам дека Струмица најави напуштање на ЗЕЛС, кажа градоначалникот на Струмица. По мене, тоа ќе биде погрешна одлука, но тоа е негова одлука, иако мислам дека таа е донесена во една поспецифична состојба и мислам дека е потребно најпрво да се консултира со Советот, а ако и Советот така неодговорно се однесува кон струмичани, тогаш нека им е со среќа – рече Мицкоски.
Тој очекува на следните локални избори, Струмица да добие градоначалник, кој, како што рече, ќе мисли на струмичани, а не на своите лични партиски фрустрации.
И претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, во телевизиско гостување оцени дека се прави вештачко креирање на проблеми и дека има политика во најавите на градоначалниците на Струмица и Карпош за излегување од ЗЕЛС. Тој истакна дека струмичкиот градоначалник одбива комуникација и подадена рака од другите колеги, ставајќи ги во заложништво своите граѓани заради свои политички цели.
– Морам да го истакнам несериозниот однос и пристап кон ЗЕЛС, на колегата од Струмица, Костадинов. Практично, не паметам седница на која се појавил, секогаш праќал замена. Во моментите кога се појави кризниот период, не само јас, туку и повеќе мои колеги и соработници од ЗЕЛС, пробавме да го исконтактираме, да продискутираме со него дали има простор да му помогнеме, да се вклучиме во надминување на кризата со водоводот. Обидите за соработка кој тој тврди дека ги имал, се двонасочна улица и морам да ја информирам јавноста дека сум наишол од него на затворена врата. И тоа не само јас, туку и други соработници, дури и од неговата политичка партија – изјави Ѓорѓиевски.
Според претседателот на ЗЕЛС, има средства за сите општини коишто ги исполниле критериумите за добивање на средства за инфраструктурни проекти, а дополнителниот рок е за комплетирање на документацијата.
Градоначалникот на Општина Струмица јавно се изјасни дека нема да присуствува на следната седница во ЗЕЛС, што е уште една потврда на мојата одлука околу понатамошното членство во ЗЕЛС.
– Очигледна е војната против струмичани и Струмица, а се уште нема причини зошто е одбиен проектот од унгарскиот кредит и зошто Институтот за јавно здравје не ги објавува резултатите за водата. Некој свесно ја мати водата за политички поени – реагираше Костадинов на својот фејсбук-профил за повиците да ја преиспита одлуката за понатамошното учество на Општина Струмица во ЗЕЛС.
Како што напиша, во моментов за него е неважно кој и што кажал од ЗЕЛС и од владините институции, бидејќи многу поважни се следните приоритети што се, пред се, во интерес на граѓаните на Општина Струмица.
– Тие се седнување на маса на експерти од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и АД „Водостопанство“ и да си го решат проблемот, Институтот за јавно здравје јавно да ги објави резултатите од водата, решавање и расчистување на ситуацијата со унгарскиот кредит земен на грбот на граѓаните и консолидација и разгледување на можноста за повторно седнување на маса во ЗЕЛС – се наведува во објавата на Костадинов.
Фото: Петр Стојановски