Италијанската издавачка куќа „Крочети едиторе“ ја објави поетската книга „Изреченото нè прогонува“ на Никола Маџиров на италијански јазик. Книгата содржи избор од неговото поетско творештво и е објавена во рамките на поетската едиција на италијанскиот издавач со седиште во Милано, на 1 април, заедно со поезијата на Волт Витман.
Во таа едиција се објавени и книгите на венцоносците од „Струшките вечери на поезијата“ – Јехуда Амихај, Јанис Рицос, Керол Ен Дафи, Махмуд Дарвиш и добитниците на Нобеловата награда – Томас Транстромер, Јон Фосе, Одисеас Елитис, Сен-Џон Перс, како и избори од поезијата на Рилке, Бодлер, Кавафис, Томас Бернхард, Ен Карсон, Дилан Томас, Сеферис, Емили Дикинсон, Борис Пастернак и др., соопшти Маџиров.
Италијанските списанија за култура и литература „Ил Манифесто“ и „Пангеа“ објавија интервјуа со Никола Маџиров, а првата промоција на книгата „Изреченото нè прогонува“ и поетското читање беа во рамките на меѓународниот фестивал за литература „Inroci di Civilta“ во Венеција, каде што почесен гостин е Ханиф Курејши. Книгата ќе биде претставена и на неколку други фестивали и универзитети во Италија и во Швајцарија, во текот на оваа година.
Никола Маџиров е најмладиот современ странски автор објавен во поетската едиција на „Крочети едиторе“, а книгата „Изреченото нè прогонува“ е двојазично издание и содржи песни на италијански и на македонски јазик.