Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинителен предлог против едно физичко и едно правно лице затоа што узурпирале земјиште на кое поставиле рампа и наплаќале паркирање.
Обвинетиот, кој е сопственик на фирмата, се товари за кривичното дело узурпација на недвижности според член 225 од Кривичниот законик.
Сопственикот на фирмата, 47-годишник, како што информираат од Обвинителството, зазел земјиште позади Здравствениот дом на Скопје – поликлиника „Бит-пазар“ кое го користел како паркиралиште.
Земјиштето што обвинетиот го користел како импровизиран паркинг-простор било во државна сопственост и доделено со право на користење на Здравствениот дом. Земјиштето во Деталниот урбанистички план на Општина Чаир било предвидено да се користи како имот во општа употреба.
Од Обвинителството додаваат дека обвинетиот, во име и за сметка на фирмата поставил рампа и пункт за наплата и ангажирал едно лице да врши наплата по цена од 50 денари за 90 минути користење, со што го ограничил и го контролирал влезот и излезот на земјиштето.
Јавен обвинител до Основниот кривичен суд Скопје поднел предлог и за изрекување мерка на претпазливост, односно забрана да го користи предметното земјиште.