Управата за јавни приходи го оценува како одличен одзивот на даночните обврзници. До крајниот рок 27.01. 2025 година на полноќ, биле поднесени 39.028 ДДВ-04 пријави од очекуваните 41.531, што претставува висок процент на исполнетост од 94 проценти.

– Апелираме до сите останати 2.503 даночни обврзници што не ги поднеле своите ДДВ-04 пријави навремено, да ги достават потребните документи до своите сметководители и во најкраток рок да ги поднесат со цел да избегнат камати за задоцнето плаќање. Навременото и точно поднесување на ДДВ пријавите е од суштинско значење не само за исполнување на законските обврски, туку и за забрзување на процесот на поврат на средства за оние кои имаат изразен ДДВ и очекуваат поврат. Овој процес е клучен за подобрување на ликвидноста на компаниите како и поголема оперативност, што директно влијае на финансиската стабилност на домашните компании – информираа од УЈП.

Оттаму наглсуваат дека продолжуваат кооперативно и во соработка со даночните обврзници да ги усовршуваат и оптимизираат системите вклучувајќи и побрза обработка на податоците, поголема транспарентност во целиот процес и поефикасен поврат на средствата кон даночните обврзници кои ги исполниле законските услови за поврат.

– За сите обврзници кои не ги поднеле пријавите навремено, ќе следуваат постапки согласно со законските овластувања, вклучително и потсетувања и мерки за присилна наплата, ако и по тие потсетувања не ги исполнат своите обврски – наведуваат од УЈП.

ИЗДВОЕНИ