Подигнати 42 м3 отпад од диви депонии во повеќе скопски општини

21

Јавното претпријатие Комунална Хигиена во текот на изминатото деноноќие отстранило повеќе диви депонии, при што биле подигнати и транспортирани приближно 42 кубни метри непрописно одложен отпад.

-Дел од активностите се одвиваа на улицата „1.615“ во општината Аеродром, во непосредна близина на кулите на „Џевахир холдинг“, каде што е отстранета дива депонија составена од 10 кубни метри претежно мешан комунален отпад. Интервенирано е и на улицата „Доситеј Обрадовиќ“, во општината Кисела Вода, каде што се подигнати околу 7 кубни метри кабаст и отпад од картонски пакувања, како и на улиците: „Џон Кенеди“ и „Цветан Димов“, во општината Чаир, каде што се отстранети 15 кубни метри непрописно одложен кабаст и градежен отпад – информираат од претпријатието.

Оттаму, додаваат дека во текот на вчерашниот ден биле подигнати и транспортирани 10 кубни метри отпад од дива депонија лоцирана на улицата „Јуриј Гагарин“, во близина на ресторанот „Македонска куќа“, во општина Карпош.