„Македонија 2025“ даде активен придонес кон важни економски реформи во земјата, како што се дигитализација и дигитална трансформација на бизниси, образованата политика, подобрување на социјалниот дијалог, национална развојна стратегија, унапредување на фискалната политика, и односите со дијаспората. Годинава организацијата реализираше над 45 активности кои беа насочени кон зајакнување на човечкиот капитал во Македонија, зајакнување на конкурентноста на компаниите и даде поддршка на структурни реформи.

Во таа насока, годинава „Македонија 2025“ реализираше програми за економски развој, образование и лидерство со вкупна вредност од над 840.000 евра.

– Над 100 компании добија експертска поддршка, менторство и поврзување со експерти и компании што даде придонес кон поголема конкурентност и го зголеми нивниот извозен потенцијал. Во рамки на образовните програми, 1.680 менаџери, талентирани средношколци и студенти учествуваа во програми за обука, добија стипендии и менторство, со што ги унапредија своите вештини и лидерски капацитети – велат од „Македонија 2025“.

Оваа година започна со работа Центарот за дигитална трансформација „GoDigital“, непрофитна организација основана од „Македонија 2025“. Центарот сертифицираше 17 експерти кои започнаа дигитална трансформација на 9 македонски мали и средни претпријатија. Исто така, се обучуваа млади претприемачи, десет мали и средни претпријатија добија експертска помош. За поддршка на младите кои треба да бидат идната движечка сила на општеството, преку Фондот „Таленти денес – лидери утре“, беа доделени 10 стипендии за талентирани средношколци од социјално ранливи семејства. Организиран беше и натпревар за најдобри зелени бизнис проекти на млади лица, а најдобрите 4 предлози беа наградени парично од страна на „Македонија 2025“.

Организацијата силно се залага и промовира нулта толеранција за корупција. Реформскиот план на „Македонија 2025“ насловен „Една визија за забрзан раст“ беше широко споделен со сите релевантни политички и бизнис чинители, со цел застапување за реформи во неколку клучни области важни за развојот на Македонија.

– Горди сме што мерките од Реформскиот план беа вклучени во предизборни програми на политичките партии, а денес, 90% од Планот е дел од Програмата на Владата (2024-2028). Активно работиме на реализација на овие мерки и сите наши капацитети и потенцијал се достапни на креаторите на политики за реализација на мерките од „Една визија за забрзан раст“ – велат од „Македонија 2025“.

Оттаму нагласуваат дека ќе ги продолжат своите активности и во наредната година, а планирано е и проширување на програмите за работа, особено во доменот на конкурентноста, поддршката на младите, дигитализацијата, намалувањето на корупцијата и односите со дијаспората.