Заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески, заедно со претставници на УНДП во земјава, денеска посети неколку успешни бизниси во Охрид, кои се помогнати со мерката поддршка за создавање нови работни места преку зелени инвестиции.
– Прво ја посетивме компанијата „Оплас“, корисник на зелената мерка од Оперативниот план за 2024 г., со грант за инвестиција од фотоволтаични панели. Фирмата се занимава со производство на пластични материјали за домашниот и за странскиот пазар, која има циркуларен производствен процес, односно нула отпад. Со проектот, тие учествуваа со сопствена инвестиција за нова фотоволтаична централа и реализирани се две вработувања – вели Ристески.
И компанијата „Клинекс професионал“ (Clinex Professional) е корисник на зелена мерка во Оперативниот план за 2022 и за 2024 година. Компанијата се занимава со обезбедување хигиенски услуги за физички лица и за комерцијални објекти за сместувачки капацитети во Охрид. Во 2022 година, инвестираа во инсталација на соларен систем за топла вода, а во 2024 – гасна станица за греење.
УНДП ја спроведува мерката поддршка за создавање нови работни места преку зелени инвестиции во партнерство со Министерството за труд и социјална политика и со Агенцијата за вработување на РСМ и има цел да го поттикне создавањето нови работни места и да го катализира процесот на зелена трансформација во приватниот сектор преку воведување зелени производи, услуги, технологии и процеси во претпријатијата.
– Со оваа мерка, во 2024 година беа обезбедени 250.000 денари по апликант, а во тригодишниот период откога постои мерката, таа резултираше со инвестиции во износ од 93 милиони денари, создадени се 377 нови работни места и зелени инвестиции во 228 претпријатија – истакна Ристески.