Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, со претставници на германската KfW банка, разговараше за можностите за идни инвестиции во енергетскиот сектор, како и за поддршката на банката во процесот на трансформацијата на АД ЕСМ во рентабилна и модерна компанија.
На состанокот, претставниците на KfW ја истакнаа важноста на стратешките инвестиции што ќе придонесат за модернизација на енергетската инфраструктура и забрзана транзиција кон обновливи извори на енергија. KfW банката веќе учествува во значајни енергетски проекти во земјава, како што е финансирањето на втората фаза од ветерниот парк Богданци и изградбата на фотонапонската електрана Битола 2. Овие инвестиции, вредни 55 милиони евра, ќе обезбедат дополнителни капацитети за обновлива енергија, зајакнувајќи ја енергетската независност на земјата.
Ветерниот парк Богданци, со новите турбини, ќе го зголеми своето производство на електрична енергија, додека фотонапонската централа Битола 2, која ќе биде завршена во 2027 година, ќе произведува до 90 GWh годишно – доволно за снабдување на 20.000 домаќинства.
Од KfW банката ја нагласија заложбата за поддршка на македонската влада во исполнување на климатските и енергетските цели, усогласени со европските стандарди.