Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, оствари средба со постојаниот координатор на Обединетите нации во земјава, Рита Колумбија. На средбата се разговараше за тековните активности и проекти кои, со поддршка на организациите на ОН, се реализираат во земјата, при што беше нагласена одличната институционална соработка на сите нивоа.

Фокусот на дискусијата беше ставен на приоритетите во областа на зелената енергија, со акцент на развојот на обновливи извори и поддршката за проекти за енергетска ефикасност.

– Божиновска и Колумбија се согласија дека забрзувањето на инвестициите во соларни паркови, ветерни електрани и други зелени технологии е од суштинско значење за долгорочната енергетска стабилност на земјата и заштитата на животната средина. Исто така, беше истакнато значењето на националните приоритети во одржливиот развој и нивната усогласеност со глобалните стандарди, особено во контекст на Целите за одржлив развој и Националната развојна стратегија – информираат од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини (МЕРМС).

Под покровителство на Обединетите нации во Скопје во 2025 година ќе се одржи голем енергетски форум, кој се очекува да ги обедини водечките глобални експерти, владини претставници и компании, со цел да се разменат најдобрите практики за правична енергетска транзиција и намалување на зависноста од фосилни горива.

– Оваа иницијатива е значајна можност за нашата земја да се позиционира како регионален лидер во примената на обновливи извори на енергија – велат од МЕРМС.

Министерката Божиновска ја нагласи подготвеноста на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини да ги засили напорите за реализација на стратешки зелени проекти, при што ја изрази својата благодарност за постојаната поддршка од Обединетите нации, која е клучен двигател за одржлив развој и унапредување на животниот стандард на граѓаните.

ИЗДВОЕНИ