Под студентска блокада сите 33 државни факултети во Србија

559

Вкупно 33 факултети во Србија се блокирани, јавија српските медиуми.

Според телевизија „Нова“, под студентска блокада се факултетите во Белград, Ниш, Нови Сад и во Крагуевац, а протестите секој ден се сè поголеми.

Студентите деноноќно протестираат барајќи одговорност за жртвите од трагедијата во Нови Сад и објавување на комплетната документација за реконструкција на железничката станица.

Први на протест излегоа студентите на Факултетот за драмски уметности, уште на 25 ноември, кога заедно со професорите и со поддршка на деканот блокираа булевар во текот на петнаесетминутниот молк за да им оддадат почит на жртвите во Нови Сад. Тогаш беа нападнати од непознати лица, а тој инцидент подоцна го поврзаа со владејачката партија – СНС, по што протестот се ограничи на блокада на зградата на ФДУ.

Во знак на солидарност, потоа им се придружија и студентите од другите 32 државни факултети, кои секој петок во 11:52 часот застануваат и молчат по 15 минути, во знак на почит кон жртвите од трагедијата во Нови Сад. Тие се единствени и во барањата да се гонат одговорните за падот на натстрешницата, како и напаѓачите на студентите, а приведените учесници на протестите да бидат ослободени.

ИЗДВОЕНИ