Царинските службеници сo засилени контроли на граничниот премин Блаце на македонско-косовската граница за спречување обиди за криумчарење на поштенски пратки. Директорот на Царинската управа, Бобан Николовски, вели дека во два случаја се спречени обиди за шверц на поголеми пратки со брза пошта
Царинските службеници сo засилени контроли на граничниот премин Блаце, на македонско-косовската граница за спречување обиди за криумчарење на поштенски пратки. Директорот на Царинската управа, Бобан Николовски, вели дека во два случаја се спречени обиди за шверц на поголеми пратки со брза пошта.
– Тргнавме во правец на целосно искоренување на ваквите обиди. Притоа ќе одиме со засилени контроли на граничниот премин – истакнува Николовски.
На поминување на необележани возила преку овој граничен премин, а кои носат поштенски пратки од Косово во Македонија, без проверки и без да се плати царина, предупредија од Агенцијата за пошти, кое како регулаторно тело се грижи за поштенскиот сообраќај во земјава. Оттаму потенцираа дека за ваквите случаи биле известени Царината и МВР.
Олга Манчевска, раководител во Агенцијата за пошти, рече дека треба да се има предвид дека македонската и косовската пошта имаaт договор за соработка и пратките ја поминуваат границата легално, но проблемот го прават некои приватни поштенски оператори кои ангажираат приватни возила, честопати необележани, да се „снајдат“ и да ја поминат границата без да бидат преконтролирани и оцаринети.
– Најчесто моделот на работа е така што македонска и косовска пошта склучуваат договор за соработка и има циркулација на пратките преку граница. Постапката е сосема легална, но прашањето е дали поминуваат на царина, дали плаќаат царински давачки и дали Царината воопшто забележала дека секојдневно приватни возила обележани и необележани ја поминуваат границата. Соработуваме и со МВР и со Царина и апелиравме дека проблемот треба да се реши подлабоко – вели Манчевска.
Ваквите случаи неодамна беа посочени од страна на синдикалниот претставник Сашо Димитриевски, повикувајќи се на информации дека во Македонија влегуваат пратки од соседни земји со што се прекршуваат меѓународните поштенски прописи и вршат нелојална конкуренција на „Македонска пошта“.
Според одредбите од Царинскиот закон, стока испратена од странство од физичко лице во помали пратки со писмо или поштенски пакет, која ја прима физичко лице, кое живее или има одобрен престој во Република Македонија, е ослободена од плаќање на увозни давачки и ДДВ, под услов вкупната вредност на пратката да не надминува 45 евра во денарска противвредност. Ослободувањето не важи за пратки што содржат алкохол, како и пијалаци што содржат алкохол, парфеми и тоалетни води, тутун и производи од тутун.
Стока, пак, испратена од странство од правно лице (компанија) во помали пратки со писмо или поштенски пакет, која ја прима физичко лице кое живее или има одобрен престој во Република Македонија, е ослободена од плаќање на увозни давачки и ДДВ под услов вкупната вредност на пратката да не надминува 22 евра во денарска противвредност, со вклучени транспортни и манипулативни трошоци.
Доколку вредноста на стоката е од 22 до 90 евра, истата е ослободена од плаќање царински давачки, но подлежи на плаќање на ДДВ. Стока чија вредност надминува вредност од 90 евра подлежи на плаќање и на увозни давачки и на ДДВ. Ослободувањето не важи за пратки кои содржат алкохол, како и пијалаци што содржат алкохол, парфеми и тоалетни води, тутун и производи од тутун.
(С.Бл.)