Почнува манифестацијата „Денови на кочанскиот ориз“

180

Со крунисување на годинашната жетварска убавица, музичка вечер со настап на македонската поп-ѕвезда Каролина и со забава со диџеј Ацко, утре почнува 33. издание на манифестацијата „Денови на кочанскиот ориз 2024“.

– Изборот на жетварска убавица ќе се одржи в петок со почеток од 20:00 часот, на платото во Градскиот парк и годинава ќе бидеме домаќини на гости од Црна Гора, Бугарија, Србија, Словенија, Унгарија, Босна и Херцеговина, како и од други градови од нашата држава. В сабота претпладне, ќе биде отворена изложба на дела од нашата ликовна колонија „Свети Пантелејмон“, по што ќе следува празнично дефиле на здруженија, фолклорни ансамбли, институции и на други групи, кои ќе настапат на летната сцена во паркот – истакна Ивана Карова-Коцева од Организацискиот одбор на манифестацијата.

В сабота ќе има повеќе музичко-забавни содржини за различни генерации посетители, а ќе бидат поставени и продажно-рекламни штандови од фирми и здруженија од Кочани.

– Традиционалното зажнејување и вршидбата на ориз ќе се одржат в недела од 10:30 часот, на земјоделските површини во населбата Оризари, каде штп ќе биде доделено и годинашното признание за најуспешен земјоделец. Потоа ќе следува културно-уметничка програма, со настапи на оркестри, фолклорни ансамбли и концерт на Дамјан Стојаноски – најави Аника Илијевска-Ѓоргиева од Општина Кочани.

Градоначалникот на Општина Кочани, Љупчо Папазов, посочи дека организациските активности за „Деновите на кочанскиот ориз“ се во завршна фаза.

– Прикрај е уредувањето на локацијата каде што ќе се одвиваат настаните и подготовката во делот на приемот на делегациите што ќе ни бидат гости оваа година. Очекувам да имаме успешна манифестација, со што ќе ја продолжиме 33-годишната традиција на одбележување на жетвените активности на оризот како главна земјоделска култура во овој регион. Ја користам можноста да ги повикам и граѓаните од другите градови да присуствуваат на сите настани – истакна Папазов.