Автобусите на приватните превозници од вчера се вклучија во сообраќај, но само со 80 проценти од расположливиот возен парк. Според Јовица Зафировски, претставник на приватните превозници, одредени линии се комплетно покриени, додека други само делумно.
Тој потенцира дека јавниот градски превоз полека се нормализира, но дека ќе биде вака сè додека не им се исполни барањето да се зголеми цената за изминат километар, која не е сменета веќе 10 години.
– Цената за изминат километар не е променета од пред 10 години, додека цените на деловите за тековно одржување на возилата растат. В среда, на седницата на Советот на Град Скопје, ќе се расправа за зголемување на цената. Ние нема да правиме проблеми за тоа колкава ќе биде таа, бидејќи има стручни лица што ќе ја одредат – нагласи Зафировски.
Тој додаде дека повеќе пати, поради состојбите во јавниот градскиот превоз, бараат проширен состанок со надлежните институции.
– Исто така, и Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ има сериозен недостиг од автобуси, граѓаните повторно ќе чекаат на автобуските станици. Потребно е стручни лица да изработат долгорочен план како ќе се одвива јавниот градски превоз. Вака, со краткорочни планови, не се постигнува ништо – дециден е Зафировски.
И директорот на ЈСП, Драги Кушовски, потврдува дека се нормализира јавниот градски превоз, но не можеше да каже колку нивни возила се вклучени во сообраќаат, со образложение дека состојбата се менува од час во час.
– Возниот парк на ЈСП е од пред 15 години, се случуваат и дефекти – истакна Кушовски.
Тој не прецизираше колку од ветените 30 автобуси што стоеја во гаражите поради дефект се поправени, нагласувајќи дека поголем дел од нив се ставени во функција.
(А.П.)