Надминат е проблемот со водата за наводнување во атарите на општините Свети Николе и Лозово. Земјоделците од селата Црнилиште во Општина Свети Николе и Милино во Општина Лозово велат дека вода имаат во каналот за наводнување од Хидросистемот „Брегалница“, а според нив водата пристигнува во вистински момент за лозовите насади, а очекуваат помали приноси на пченката.

Бранко Вучевски од селото Сарамзалино вели дека вода има во каналот, но тешко пристигнува, бидејќи не е исчистен од треви и ѓубре. Забележува дека денеска на терен е механизација на Водостопанство „Брегалница“ за да се чисти каналот.

– Имам два декари тутун и од утринава успеав да го навадам. Оваа година во јуни беше многу топло и затоа наводнителната сезона требаше и порано да почне. Но, главен проблем е сепак каналот, кој е стар и на одредени места водата се губи, понира и потребна е да се реконструира. Тоа го очекуваме од новата Влада – вели Вучевски.

И градоначалникот на Општина Лозово, Бошко Цветковски потврдува дека водата пристигнала до најдалечната точка на ХС „Брегалница“. Благојчо Богатинов од Водостопанство  „Брегалница“ денеска изјави дека решен е проблемот со испораката на водата за земјоделските површини во општините Свети Николе и Лозово. Водата низ каналот е пуштена пред три дена.