Училиштето во Црешево ќе добие спортска сала. По 61 година, учениците од Црешево, Виниче и Смилковци, кои своето основно образование го поминуваат во ова училиште, ќе имаат училишна сала која ќе се гради согласно сите европски стандарди.
Камен-темелникот на објектот денеска го поставија премиерот Христијан Мицковски и градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски.
-Мене ми претставува посебна радост и задоволство што можам да кажам дека започнува со физичка реализација на оној проект што го најавуваме уште во времето на кампањата, а тоа е децентрализација на средства од централниот буџет кон општините. Нешто што повеќе од шест децении е потреба на овие три населени места овде, за ова училиште каде што учат 180 дечиња од овие населени места во Општина Гази Баба – истакна Мицкоски.
Градоначалникот Стефковски информираше дека училишната сала, која започнува да се гради, ќе може да се користи за различни категории на спорт и тоа кошарка, одбојка, ракомет и други активности од физичкото и здравственото образование.
Дополнително, ќе се изградат и помошни простории како соблекувални со тоалети опремени со тушеви, канцеларија за наставниот кадар и простор за складирање и чување на спортските реквизити.
Вкупната вредност на проектот изнесува 34.099.421 денари.
Почетокот на реализацијата на овој проект е благодарение на доделување на финансиска поддршка од Владата за реализација на капитални проекти во општините.